Холивудскиот хорор на озборувањето: Хеда Хопер

На меѓународниот ден на озборувањето, ја озборуваме (хехе) Хеда Хопер, со моќ и влијание за кои денешните блогери можат само да сонуваат. Како интро, доволно е да видиме еден наслов за нејзе од 1947-ма: „Озборувањето ѝ е работа”.

Хопер била застрашувачка сила во Холивуд 27 години. Со нејзината врвно популарна колумна, се случувало да уништи кариери и филмови што не ѝ се допаднале. Освен што критикувала изведба на актерите, ги расклопувала и нивните приватни животи, известувајќи за афери, бракови, политика и сексуална ориентација. Особено ја нервирале црнци, хомосексуалци и демократи.

Истовремено била способна и да помогне и да уништи кариера. Ја оживеала овенатата кариера на Џоан Крафорд во ’40-ти и можно е баш таа да ѝ помогнала да го добие Оскарот. Филмските ѕвезди ја сметале за корисна, со тоа што гледале прва да добие покана за свадба, известување за бременост или нови потези во кариерата. Тие што не ја информирале Хеда пред да го информираат светот - го јаделе. Една од актерките во исто време им открила дека е бремена и на Хопер и на нејзината најголема конкуренција, колумнистката Луела Парсонс. Хопер никогаш веќе не ја спомнува, и веројатно затоа и никогаш не сте чуле за Џоан Еванс.

Читателите сериозно ги сфаќале нејзините мислења. Ингрид Бергман ѝ кажала на Хопер дека не е бремена од афера со еден режисер. Потоа, на Луела Парсонс ѝ кажала дека е. Хопер, збесната дека е излажана и што не дознала прва за трачот, се одмаздува со тоа што ја убива Бергман од критикување, без разлика што претходно ја промовирала, а текстот е толку „инспиративен”, што Бергман за јавноста станува „ужасен женски пример”, и „моќно зло влијание”.

Соработувала и со чистката на симпатизери на комунизмот во Холивуд. Се сомневала дека неколку актери, сценаристи и сопственици на студија имаат комунистички склоности, и нивните имиња ги предала на истражувачи, со тоа помагајќи уништување на уште неколку кариери.

Повеќето ѕвезди ја избегнувале, освен ако немале вести за споделување. Некои ѝ биле и благодарни затоа што им била извор на публицитет, а други ја играле за го избегнат нејзиниот бес. Имало и такви што враќале со лошо - Џоан Бенет ѝ пратила твор на Денот на вљубените. Спенсер Трејси јавно, буквално ја клоцнал затоа што ги оговарала него и Кетрин Хепберн. Џозеф Котон ѝ тргнал столче пред да седне на некој фенси настан, а гостите, меѓу кои имало и многу жртви на Хопер, му наздравиле со шампањ. Не им било доста, па наредниот ден му пратиле и цвеќиња.

Ја презирале, но сепак ја читале, заедно со уште 35 милиони Американци кои ја следеле нејзината колумна. Боб Хоуп за нејзината и за колумната на Парсонс има изјавено „Тоа прво читавме секое утро.”

Хопер била свесна колку штета може да направи нејзиното пишување и знаела дека многу луѓе мислат на неа. Сепак, уживала во својата репутација. Се нарекувала „светска кучка”, а нејзината куќа во Беверли Хилс ја викала „куќата што ја изгради страв.”

Нејзината смрт во 1966-та претставува крај на она што многумина го нарекуваат „Златната ера на Холивуд”, а истовремено и крај на ера каде што само една жена имала толкава моќ во Холивуд, и за лошо и за добро.

Генијална Хеда Хопер прави Џуди Дејвис во Feud, серијата за ужасниот однос на Џоан Крафорд и Бети Дејвис, а и Хелен Мирен ја има играно во Trumbo, ако ви се проверува каква била.

13 декември 2018 - 13:28