Година на Лора Дерн

Ја има во два филма номинирани за Оскар - мајката во „Мали женички” и опасната адвокатка во „Приказна за еден брак”.

За вториот доби Златен глобус и номинација за Оскар.

На тие што го гледавте „Приказна за еден брак” веројатно веднаш ќе ви текне и на монологот што Дерн така махерски го изведе:

„Можеме да прифатиме несовршен татко. Ај, да се соочиме, идејата за добар татко се измисли пред 30-тина години. Пред тоа, од татковците се очекуваше да бидат тивки и отсутни, себични и нестабилни и сите можеме да викаме дека сакаме да бидат поинакви, но на едно базично ниво, ги прифаќаме. Ги сакаме заради нивните недостатоци. Но, луѓето апсолутно не ги прифаќаат истите недостатоци кај мајките. Не го прифаќаме тоа структурално и не го прифаќаме спиритуално затоа што  основата на цело тоа јудео-христијанско штоидае, е Дева Марија, мајка на Исус и таа е СОВРШЕНА. Таа е девица што раѓа, што го поддржува своето дете безрезервно и го држи неговото мртво тело кога ќе умре. Ама таткото не е таму!”

За овој безобразно добар монолог, Дерн раскажува:

„Го прочитав сценариото и му се јавив на Ноа (режисерот) и добив секретарка и му плачев 10 минути. И после го прочитав монологот и пак му се јавив и му реков, ‘Ова е најдобриот божиќен подарок што сум го добила.’”

Инаку, може ќе ви текне на еден бајкерски филм од 1966-та, „Диви ангели”, од кои најдивите беа Брус Дерн и девојка му Дајен Лад. Се зборувало дека и после снимање биле многу блиски, па 9 месеци откако завршиле со филмот, се раѓа Лора.

Помогнал фактот што имала холивудски родители: во 1974, кога Дајен Лад го снимала „Алис повеќе не живее тука”, Лора добила камео - да седи на каса на еден ресторан со сладолед. Па после мајка ѝ нејзе ја однела на Оскарите во 1975. Некое време покасно, веќе сама снимала филмови, сакала и факултет да заврши, но - се појавува Дејвид Линч, со Блу Велвет. Па после „Диви во срцето”. Па, „Џурасик парк”. Во 1997-ма, ја глумеше геј-другарката пред која Елен Деџенерис се отвори дека е геј и стана дел од историја - но тоа скапо ја чинело - не снимала ништо една година.

Имаме среќа и сега се враќа, и тоа на голема врата.

21 јануари 2020 - 10:53