Гледајте „The Hookup Plan“ на Нетфликс

Ем забавно, ем сите навредени од „лажноста“ на „Емили во Париз“ конечно ќе можат да спијат мирно.

Ако ви се гледа нешто едноставно, романтична комедија што нема да ве избезумува (освен кога ќе ве нервира по малку со непотребни компликации), ви треба „The Hookup Plan“, или на француски - „Plan Coeur“, или, „План за мување“.

Две сезони, 30-минутни епизоди, за три другарки, исповрзани меѓу себе со браќа/сестри/дечковци, ама како друштво, не како французи. Приказната почнува со Елса и нејзината неспособност да се опорави од крајот на нејзината долга врска, па другарките одлучуваат да ѝ најдат - жиголо. Се разбира, за да имаме романтична комедија и две сезони, нема да ѝ кажат дека е жиголо, па Елса ќе се заљуби, па проблеми, па растрчаност по Париз, па…

Серијата ја нема онаа беспрекорна, како од писта костимографија што ја имаат американските продукции, конкретно „Емили во Париз“. Беспрекорноста лежи во совршеното до детаљ претставување на стилот на младите парижанки и нивниот начин на секојдневно функционирање. Никој не работи во омилената професија на американските „женскасти“ серии - маркетинг агенција или мода: работат по општини, клиники, патуваат Париз-Лондон со воз заради работа или - не работат, туку живеат во поткровје кај брат им и снаа им затоа што не можат да си дозволат да живеат одвоено. Сите Маноло Бланици и слични варијанти се заменети со фармерчиња и шалови, гала-вечерите и опасните заводливи француски мажи ги нема, а наместо нив, пијанчење и караоке во локален бар, како што прават обичните луѓе.

Серијата не се труди да ви се допадне и не продава париски гламур - можно е ниеднаш да не се појави Ајфеловата кула. Понудата е занимлива љубовна приказна, со расфрлани хаотични детали и само случајно е сместена во Париз. 

19 февруари 2021 - 12:10