Џејми Френч има цело видео од нејзиниот серијал коментари на чудата на интернетот и телевизијата на оваа тема. Луѓето кога сакаат да изрекламираат нешто свое, или едноставно кога се трудат да се прават паметни, или сакаат бе, едноставно „и нив да ги има на подкаст“ местат микрофон и камера, се загледуваат некаде во страна, божем од другата страна внимателно ги слуша Џо Роган и почнуваат со нивното излагање подложно на ефикасни сецкања за да се дојде до поентата.
Не само што го замислуваат Џо Роган, некои одат до таму и да ја рекреираат позадината и апаратите што се појавуваат во кадар кај секој негов гостин.
Зошто сево ова?
Па, да си поканет во подкаст е новото да те има на телевизија и на радио - штом те има, имаш нешто паметно да кажеш, авторитет си на темата што си ја избрал и доволно важен некој да те викне ти да објаснуваш.
Следниот пат кога ќе ви излезе спонзориран пост од некој што кажува нешто (слабеење, вежбање, политика, брза заработувачка) обрнете малку внимание, чисто како студија - ако не се појави водителот/домаќинот, или сите клипови на профилот на „гостинот“ се само од него со слушалките, многу е можно да сте сведок на овој глуп, но ефикасен метод на рекламирање себеси.
Џејми Френч прави и експеримент - го прави истото што го прават и лажните подкастери и изгледа точно како што треба да изгледа.