„Кој ве ебе, феминистки.”

Феминистките да престанат да спасуваат стриптизети

Надја Бретон е писателка и поранешна стриптизета, на која ѝ е преку глава од тоа да ја спасуваат. И збеснува кога една група жени успеваат да затворат стриптиз клуб во Лондон под изговор дека ги спасуваат вработените.

Почетокот на нејзината приказна многу личи на нешто што ќе заврши со хаштаг #MeToo, ама не може да е подалеку од тоа:

„Имав 23 години и се движев кон едно од моите први интервјуа за работа. Пристигнав во една затемнета зграда во Сохо и ми покажаа дека треба да се симнам во една загушлива соба без прозорци. Десет минути подоцна дојде еден маж, веројатно во неговите рани шеесетти, во фин сив костум, дотерана седа коса, уредни мустаќи и со елеганција некаде меѓу господин и олд-скул гангстер. Се претстави како Оскар.

‘Ајде тогаш, соблекувај се,’ рече, а јас изненадена направив како што бараше и се соблеков по долна облека. Ме разгледуваше некое време. ‘Добри цицки. Сами стојат така?’”

Заличува на #MeToo? Имате желба да се борите за нејзините права? Запрете тука.

„Го соблеков градникот. Оскар покажа дека треба да се завртам. Очигледно и градите и задникот беа одобрени. ‘Добро, драга,’ рече Оскар, веќе на врата. ‘Оди купи си некој фин веш и врати се вечер.’

Бев пресреќна. Го напуштив клубот Виндмил прв пат и прославив со пијачка, пред да тргнам кон Селфриџис за да си купам Валентино долна облека и ситно црно фустанче.

Вака почна мојата кратка, но вредна кариера во клубот Виндмил.”

Значи имаме жена, која свесна за своите атрибути, се упатува сама на интервју, да ги покаже, ги проценуваат (онака како што би ве тестирале колку знаете англиски за работа со странски клиенти, ако тоа се бара), ја примаат и она е пресреќна. Никаква потреба од борба за нејзините права.

Но.

„Ако зборуваме за лондонски стриптиз-клубови во средина на ’90-ти, ги имаше Стрингфелоус и Виндмил. Стрингфелоус беше груб, мажествен, на граница меѓу ноќен клуб и играчница. А Виндмил беше сè што Стрингфелоус не беше. Како и самото Сохо, клубот беше една величествена дама залутана во лошо маало, а сепак е грациозна. Во една добра вечер, по неколку пијачки, беше заводливо и секси. А по шокот од првата вечер - стануваше удобно.

Се заработуваше со шетање низ просторијата и нудење танц. Тие денови беше 10 фунти за танцување на маса, 20 фунти за целосно соблекување на сцена - но тоа беше неблагодарно и заморно. Повеќе се заработуваше (а и повеќе се издржуваше на нозе) ако најдеш муштерија со кој ќе се поврзеш и ќе бидеш хостеса на маса, наплаќајќи по час за разговор и екстра за танцување. Мажите доаѓаа за цицки и остануваа (и плаќаа) за муабет.

Оскар беше строг, но секогаш ги почитуваше девојките; можевме да се посмееме со него. Неговиот син Даниел сè уште имаше „дете во слаткарница” во себе. Повремено ќе збркаше една од нас околу масата за снукер, на пример. Дали раскажувам за сексуално вознемирување? Можеби. Но тоа го правеа и неговите „жртви” кои ги предупредуваа другите да пазат да не ги „снукне”. И ако мислите дека машките муабети на Трамп се навредливи, дојдете да видите како стриптизети знаат да оговараат одвратен муштерија или незгоден шеф во гардероба.

Тогаш не обрнувавме внимание на значајната историја на клубот. Дури подоцна, кога Џуди Денч ја глумеше основачката на Виндмил, Лора Хендерсон во „Г-ѓа Хендерсон ви претставува”, научив повеќе. Клубот бил првиот кој добил одобрување за разголување во Британија, отворен е во 1931-ва. Првите девојки од Виндмил стоеле мирни како статуи за да бидат во склад со тогашните закони. Клубот го сметале за национално богатство и работел и за време на Втората светска војна. Подоцна си го присвојува мотото „Никогаш не затворивме”.

Досега.

Пред две недели, Градскиот совет во Вестминстер му ја одзема дозволата и го затвори клубот кој не успеаа ни нацисти да го затворат. Зошто е сега затворен исторскиот клуб, сметан за национално богатство, со мото „Никогаш не затворивме”?

Се пожалила една група за женски права.

Група за женски права.

Женски права.

Според извештаите, група жени испратиле приватни детективи кои собрале докази дека танчерките редовно го нарушувале правилото за недозволено допирање. Еден од овие храбри детективи изјавил дека една девојка го намамила во ВИП соба со ветување дека за 160 фунти и уште 10 да го подмити човекот обезбедување да се прави на Тошо, ќе смее да ја допре.

Во ред, Советот не е до толку за ниакде. Не можат да замижат пред нарушувања на кои јасно им укажуваат, не е ова Балкан. Туку, Надја Бретон има две-три прашања за овие феминистки.

„Дали ги прашале стриптизетите дали сакаат или им треба спасување? Или само претпоставиле дека се толку мутави жртви што не им е ни јасно дека се жртви, а не па да се спасат? Ако тоа не е сексистичко, не знам што е.

Јас лично не сум сретнала женска жртва во Виндмил. Ниту една. Беа силни и моќни како и сите кои сум ги сретнала во мојата подоцнежна, интернационална и многу успешна кариера. Да не се смениле девојките во последниве години? Можеби. Но судејќи според извештаите, мислам дека девојките се храбри и ги има секакви како што и паметам.

И од кого ги штитат стриптизетите овие демонстрантки? Наводно од менаџментот на клубот, кој можеби „ги проституира” и ги става на ризик. Какво трескање глупости. Како што напиша еднаш еден рапер, ‘Just ’cause she dances go-go, that don’t make her a ho, no’ (Само затоа што танцува на шипка, не значи дека е курва). На повеќето девојки им е тоа јасно. А на сопствениците не им се губи дозвола само затоа што некоја девојка сака да заработи повеќе.

Што се однесува до муштериите, секогаш имаше по некој пијан скот што стануваше гаден кога ќе добиеше сметка на крајот на една долга вечер. Имаше нула толеранција од менаџментот и од обезбедувањето за било кој што ќе се осмелеше да ги нападне жените.

Во отсуство на жени за спасување, можам само да заклучам дека желбата на овие демонстрантки да го затворат Виндмил има врска со нивното чувство на навреда од самата идеја за постоење на стриптиз клубови (и најверојатно порно). Не ги отфрлам феминистичките прашања. Насекаде низ светот, вклучувајќи ја и Велика Британија, жените се малтретирани, одземени им се основни права и  се дискриминирани. Постојат многу валидни феминистички каузи. Но затворање на клубот Виндмил не е една од нив. Пирова победа е оваа пи ар финта и себично одвлекување внимание што служи само да остави многу вредни жени без солидно вработување, заработувачка и безбедна средина.

Порано се шегував дека стриптиз клубовите се совршена дипломска за една модерна девојка. Таа година додека работев во Виндмил научив да си се допаѓам, стекнав самодоверба и удобност во сопствената кожа - тоа не се работи кои една млада жена секогаш лесно ги постигнува. Научив многу за мажите, како да разговарам со нив, како да ги засакувам какви што се, без разлика од каков свет доаѓаат и никогаш не добив впечаток дека ме сметаат за помалку од еднаква.

И од секогаш велам дека можеш да ја извадиш девојката од Виндмил, но не можеш да го извадиш Виндмил од девојката. Искуството, дружењето, научените лекции секогаш ќе бидат дел од мене.

И затоа со емоција ќе ви кажам: кој ве ебе, феминистки. Подалеку од нашиот клуб со вашиот заблуден морал и приватни проблеми. Не ви припаѓа вам. Тргнете тоа рацете од нашиот Виндмил.”

Инаку, не е прв пат стриптизети да останат без работа само затоа што некој нешто расчистува.

13 февруари 2018 - 20:40