Фејсбук пред спиење, за да не мораш да мислиш колку си за никаде

Викаат дека пред спиење треба смирување, читање книга, пиење млеко или чај и никако социјални мрежи за да можеме да се спремиме за мирување и одмор. Ај сега нека дигнат два прста тие што го прават ова. Никој? Точно.

Има ново истражување, изведено во Британија, кое открива дека многумина од нас дремат на социјални мрежи пред спиење и тоа сѐ помалку за опуштање, а сѐ повеќе од навика и за избегнување на реални емоции. Испитаниците се зумери и повеќе од половина (56%) од тие на возраст од 18-24 години, рекле дека користат Твитер, Инстаграм, Фејсбук, Снапчат и ТикТок секоја вечер пред спиење.

Ова може и не звучи така ново и вредно за известување - млади нонстоп на телефон - но заклучокот е покомплициран и помрачен. Имено, студијата навлегува подлабоко во тоа зошто ни требаат глупи апликации пред да заспиеме. Цели 76% кажале дека не одвоиле време за да си ги разгледаат чувствата и емоциите од текот на денот.

Директна корелација меѓу двеве работи не е дефинирана и не треба да се заборави дека студијата не е голема (2000 луѓе), но сепак истражувачите известуваат за користење на социјални мрежи за да се избегнат чувствата надвор од нив.

Потпирањето на социјални мрежи ни остава многу малку време (а и желба) да размислуваме за нашите чувства, па ги користиме како тактика за емотивно избегнување, што за возврат придонесува кон систематското оштетување на менталното здравје кај младите. Обично, навечер пред спиење имаме прилика да размислиме за денот, сами со своите мисли и без нешто да ни одвлекува внимание. На некои тоа им доаѓа како олеснување, но на повеќето, според истражувањето, социјалните мрежи им се начин да ги истиснат негативните или непријатните мисли од главата.

Опасноста лежи во тоа што ваквото одвлекување внимание е само привремена поправка доколку проблемот е длабок. Не само што телото вложува напор да ги држи непријатните мисли и проблеми под тепих - со тек на време ваквите непријатности имаат тенденција да растат. Постојаното користење на тактики за избегнување на емоциите е штетно за психофизичкото здравје и со превентивни техники, луѓето ќе можат да обрнат внимание на она што им се случува во главата, дури и да постигнат подобар сон.

Пробајте да ги избришете апликациите на една-две недели, да видите како одмара.

20 април 2021 - 14:20