На миленијалците уште не им се раѓа

Некогаш, зрелоста значеше брак, кредит за стан и деца. Денес, за сè поголем број миленијалци, зрелоста значи авионска карта во еден правец, лаптоп на плажа и мир во глава.

Како што пишува Business Insider, новата генерација миленијалци свесно избира живот без деца - не затоа што не можат, туку затоа што не сакаат. Поточно, затоа што повеќе сакаат нешто друго: слобода, патувања, финансиска стабилност и тишина по дома.

Некои од нив продаваат сѐ што имаат и живеат како дигитални номади. Други велат дека цената за растење дете (во САД над 300.000 долари) е економски апсурдна. Трети едноставно го набљудуваат светот – климатска криза, политичка нестабилност, нон-стоп грижи - и си велат не, фала.

Иако оваа одлука е лична, често наидува на осуда. Коментари од роднини, притисок од околината, дури и неумесни да не ти биде криво после прашања од непознати. Сепак, миленијалците не се откажуваат - не им е фаза, туку животен избор.

Нормално, интернетот тука игра голема улога: ТикТок, Редит и Јутјуб се полни со искрени сведоштва, совети и мемиња за радоста на животот без пелени, па сѐ повеќе луѓе сфаќаат дека подраго им е да планираат патувања и плажи, наместо пелени и градинки.

Ова секако не значи дека сите миленијалци се против деца. Но јасно е дека шаблонот на „успешен живот“ се менува. За многумина, семејството не е веќе дефиниција за идентитет - туку слободата да го градиш својот идентитет, на свој начин.

Семејството денес, се почесто изгледа поинаку од пред десет, дваесет и повеќе години: пријатели, миленичиња, заедници по сопствен избор - и куфер што е секогаш спремен за откривање ново.

И веќе не можеме да тврдиме дека е бунт - зрелост е, затоа што новата генерација просто бира сопствена (и различна) верзија на радост.

16 јуни 2025 - 00:00