Фалат истражувања само со жени

Здравствените експерти изразуваат загриженост поради недоволна застапеност на жените во клиничките испитувања во Велика Британија - податоците откриваат дека има 67% повеќе студии само со мажи отколку со жени.

Анализата на „Гардијан“, заснована на податоци од Агенцијата за регулирање на лекови и здравствени производи (MHRA) и Универзитетот во Ливерпул, покажува дека, иако 90% од испитувањата вклучуваат два пола, студиите само со мажи (6,1%) се речиси двојно почести од студиите само со жени (3,7%).

Бремените жени и доилките се уште послабо застапени - бремените учествуваат само во 1,1%, доилките во 0,6% од студиите. Оваа нерамнотежа има сериозни последици за здравјето на жените, како што истакнува д-р Ејми Бренер од Лондонската школа за хигиена и тропска медицина, која нагласи дека недоволната застапеност значи недостаток на докази за безбедноста и ефикасноста на многу интервенции за жените. Потенцира дека постои „итна потреба“ за исправување на оваа нееднаквост за да се подобрат здравствените исходи за жените.

Проф. Ана Дејвид, директорка на Институтот за женско здравје при UCL, додаде дека овој јаз во застапеноста ги принудува жените и здравствените работници со кои работат, да носат медицински одлуки без соодветни докази, што е во најмала рака неетички. Посочува и дека само 2,2% од испитувањата се фокусираат на репродуктивни и породилни прашања, и покрај честите и сериозни состојби како прееклампсија и предвремено породување. За да се надмине ова, експертите повикуваат на поинклузивен пристап кон дизајнот на студии, вклучувајќи поголемо учество на жените во раните фази на планирање за да се идентификуваат бариерите за учество.

Потребно е промовирање на поголема разновидност во клиничките истражувања, со цел студиите да го рефлектираат поширокото население и да ги затворат овие критични научни празнини.

8 мај 2025 - 09:24