Естетиката и вкусот на Дајен Китон одат на аукција

Звучи како некакво распродавање живот, а не е: Некои луѓе ќе имаат прилика да го гледаат и носат тоа што Дајен Китон го сметала за добро и тоа веќе голема работа.

Уметничката колекција, гардеробата и личните предмети на Дајен Китон ќе бидат ставени на аукција ова лето, во проект што ја заокружува нејзината децениска креативна и естетска визија.

Аукциската куќа Bonhams, во соработка со The Fine Art Group, ќе ја организира серијата продажби под наслов Diane Keaton: The Architecture of an Icon, распределени во четири аукции во Њујорк и Лос Анџелес. Проектот ќе опфати повеќе од 400 предмети, со главна аукција во живо на 8 јуни во Њујорк и три дополнителни онлајн продажби.

Колекцијата го отсликува широкиот креативен опсег на Китон - од американска модерна и современа уметност, преку ентериери и филмски сувенири, до нејзината препознатлива мода. Во централната аукција ќе бидат понудени и делови од нејзината гардероба: вратоврската со точки од Ралф Лорен, класичен црн шешир, како и впечатливото одело од Гучи што го носеше на LACMA Gala. Меѓу поинтересните предмети е и оригиналното, сценарио што нема ни наслов на него - за филмот Ени Хол.

Од уметничките дела се спомнуваат Train on the Desert Arizona од Мејнард Диксон, Buffalos од Дејвид Војнаровиц и Light in the Valley од Ед Мел - сите со проценети вредности од неколку десетици илјади долари.

Дајен Китон, која почина во октомври 2025 година, остави трага не само со улогите во филмови, туку и со својот препознатлив визуелен јазик што се протега низ мода, издаваштво и дизајн на ентериер. Нејзините книги дополнително го зацврстија тој имиџ, позиционирајќи ја како влијателен формирач на вкусови (Дајен Китон станува моден инфлуенсер, другите одете си дома) во уредувањето на простор.

„Таа не беше само колекционер, туку и исклучителен уредник на сопствениот свет“, изјави Ана Хикс од Bonhams, нагласувајќи дека секој предмет бил избран со јасна намера и чувство за композиција.

Онлајн аукциите дополнително ја прошируваат понудата - едната ќе вклучува повеќе од 200 модни парчиња и додатоци од брендови поврзани со нејзиниот стил, а другата ќе понуди мебел и декоративни елементи од нејзините домови во Лос Анџелес - простор што ја одразува нејзината склоност кон минимализам и архитектонска прецизност.

Како што изјави нејзината сестра - колекцијата не е само резултат на долгогодишно собирање, туку „доказ за способноста навистина да се види“.

Уредник на сопствениот свет е убав чин што човек може да си го додели - те тера повнимателно и со намера да бираш што ќе има во светот.

27 април 2026 - 10:19