И денес знаат да промашат, и тоа гадно, ама барем времето денес доаѓа со можноста да повлечеш статија, да избришеш, да коригираш... До пред 15-тина години - не баш. До пред 40 - ич.
Џенифер Кулиџ и Били Портер се фантастична комбинација за јадење гурабии. Свесни за ова, а и за своето мрачно минато, токму од Космополитен ги викаат да читаат ужасно глупи совети од стари изданија и да коментираат што им се коментира.
Ви текнува како во ‘50-ти излегуваат во весник паметувања од типот „стави кармин, смири ги децата и ќути - он ќе се врати уморен од работа“? Поновиве не се до толку, ама сепак, глупите идеи за тоа како размислуваат и што им треба на жените се од прилика тие - само божем, модернизирани.
Како на пример - не јади ништо цел ден пред журка.
Или, како да фатиш дечко на патување, пазете ова: Стои блиску во ред позади него и види каде седи, па побарај седиште во близина. Тотално погрешно затоа што - не го познаваш, може да е од оние што не мијат раце, а летот може да трае со саати. Каде ќе избегаш во авион?
Или уште поглупото - ако седи со девојка, а сакаш да го освоиш, оди, дај ѝ на девојката комплимент, па претстави му се.
Прво, што има да го освојуваш ако седи со девојка.
Второ, како тоа „леле многу ти се убави чорапите, здраво дечко, јас сум Таа и Таа“?
Е, со такви работи се бавевме пред да имаме повеќе интернет и повеќе избор што ќе читаме.