Џеј Шети: Монах, могул, тежок преварант

Прво, нели е бе, малку чудно да си и монах и могул? Нели могул треба да е спротивно од монах, и обратно? Нејсе, лажговци во светот на индустријата за само-помош има да ги ринеш со лопата, ама овој пат го имаме - Џеј Шети.

Никол Арбор, која веќе има навика да ги разобличува лажните фасади на реалноста во која живееме, досега неколку пати има алармирано за проблематичноста на Џеј Шети. Типот има книги, држи мотивациски говори и се богати од неговите „мудрости“, само што, се појавуваат ликови по интернет што почнуваат да прашуваат - „А бе, нели ви е познато ова од некаде?“

Некои од примерите се приказната за девојката што го напушта дечкото, па после излегува дека тој ѝ ги донирал очите (ја кажува како да е негова приказна), па професорот што ја гужва банкнотата од сто долари и ги прашува студентите дали ја сакаат, па жената што му кажува на детето дека ако не работи, ќе стане како метларот преку улица… Сѐ се тоа приказни и дела што ги има кажано некој друг, а Шети ги раскажува како него да му текнале. Еден од посериозните примери кога го рекламираше (како свој) концептот за петте јазици на љубовта, заедно со мотивациска приказна, а идејата е копирана од една книга.

Насловот на книгата? „Петте јазици на љубовта“ од Гери Чепмен.

Коментарите под неговите видеа се стварно мистифицирачки. Никој не се замара да провери извори на украдените текстови и изјави.

Темите што ги бира се вообичаени и дискутирани илјадници пати - не ги земајте луѓето здраво за готово, следете ги соништата, помагајте на сиромашните… Се повторуваат постојано, а сепак луѓето упорно ги голтаат и го прокламираат како „гласот на нашата генерација“.

Патем, типот е инаку толку урнебесно лажен, што има слика на која „докажува“ дека е монах, со тоа што е сликан во портокалов дуксер со качулка и бордо шал.

Сепак, ваквите дискусии тешко се шират бидејќи има армија на Фејсбук што спремно брише коментари ако некој се осмели да каже нешто против него, а и гуглање околу измамите и плагијатите дава едвај по некој резултат, главно за тоа што го зборуваше Никол Арбор против него. Го нарече професионален читач на мемиња и титулата одлично му стои.

Бонус: „Монахот“ тежи 2,5 милиони долари.

Sирнете и пазете кај ги давате парите:

16 февруари 2021 - 00:00