Замислете се на дипломирање, заедно со уште многу студенти околу себе, спремни да запловите кон нови хоризонти? Што ли си мислат сите кога ги фрлаат капите во воздух?
Што е тоа кај тенкото парче хартија што го прави толку скапоцено? Не е само доказ на стекнато знаење, туку игра улога и во репутацијата на местото каде што сте се обучиле. Диплома од Харвард сјае поинаку, нели?
А ако погледнеш внимателно, дипломата е совршен крај на современата трагедија на образованието.
Зошто? Затоа што универзитетите и програмите се дизајнирани во рамки на трите постулати на француската класична трагедија: време, активност и место. Студентите се среќаваат на универзитетот (место), за часови (активност) за време на нивните 20-ти години (време). Овој класичен модел традиционално произведува престижни универзитети, но сега е предизвикан од дигитализацијата на општеството - што секому што има интернет му дозволува пристап до учење - и од потребата да стекне вештини во свет што брзо се менува. Универзитетите мораат да сфатат дека учењето во 20-те нема да биде доволно. Ако технолошката дифузија и имплементацијата се развиваат побрзо, работниците ќе мораат константно да ги освежуваат вештините.
Универзитетскиот модел мора да еволуира. Мора да ги опреми студентите со вистинските вештини и знаења да се натпреваруваат во свет каде што „се зема вредност главно од меѓучовечките односи и способноста да измислиш и интерпретираш нешта што машините не можат“, како што вели англискиот футурист Ричард Вотсон. Со достигнување фундаментални знаења и вештини што се во чекор со времето, универзитетите ќе им овозможат на студентите вештини отпорни на иднина, на доживотно учење, не само спремност за работа.
Некои универзитети веќе играат суштинска улога во доживотното учење затоа што сакаат да ја задржат вредноста на нивните дипломи. Оваа нова улога доаѓа со огромни предизвици и треба да се осмислува. Еден од начините да се почне овој процес на трансформација е да се надмине моделот на „пет години до диплома“, и да се адаптираат програмите на доживотно учење.
И овој модел се нарекува доживотен пасош.
Дипломата може да биде пасош за доживотно учење. Првите неколку години, студентите би учеле да учат и да се стекнат со вештини за расудување кои ќе им останат до крајот на животот. На пример, физиката ти дозволува да го набљудуваш и рационализираш светот, но и да интегрираш набљудувања во одредени модели и понекогаш, модели во теории или закони што можат да се искористат за да се направат предвидувања. Математиката е јазикот што се користи за да се формулираат законите на физиката или економијата и да се направат ригорозни пресметки кои се претвораат во предвидувања. Овие две дисциплини ги формираат столбовите на образованието во техничките факултети.
Недамнешни напредоци во методи на пресметување и наука на податоци не тераат одново да размислиме за науката и инженерингот. Компјутерите се сè повеќе главни актери во користење податоци за формулирање прашања, што бара радикално нови начини за расудување. Според тоа, нова дисциплина што во себе има компјутерски науки, програмирање, статистика и машинско учење реба да се додаде на традиционалните основни теми на математиката и физиката. Овие три столбови сега овозможуваат да учиме комплексни технички предмети цел живот затоа што бројките се основа на која што сѐ потоа ќе се гради.
Според овој модел, Мастер ќе стане прв печат во доживотното учење. Мастер-програмите би ги подготвиле студентите за нивната професионална кариера со тоа што ќе им овозможат да се фокусираат да стекнат практични вештини преку проекти.
Освен техничките способности, самата природа на проектите развива трансверзални, општествени и бизнис вештини како насочено размислување, преземање иницијативи, водење тимови, активно известување или планирање ресурси. Не само што тие вештини ќе бидат де факто интегрирани во програмата, туку се важни да се имаат и во иднина затоа што се тешки за автоматизација.
Ако ви звучи како научна фантастика, нека ви текне дека во многу земји парт-тајм учењето не е исклучителна работа. И ако доживотното учење стане приоритет и ново нормално, дипломите, како и пасошите можат редовно да се ревалидираат. Ова може да ги поправи организациските предизвици за универзитетот, но не и на студентите кои имаат свои животи, затоа би се решило со онлајн учење.
И на крај, еве нека не е проблем времето и патот, кој би плаќал за доживотно учење? Тоа е вечната дебата: Треба ли да биде одговорност на тој што учи, на работодавачот, или државата? На пример, во Масачусетс, здравствените работници бараат постојани образовни кредити, кои внимателно се документираат и докажуваат. Сепак, адвокатите во истата држава не мораат да одат на правна доедукација, иако повеќето учествуваат во неа неформално. Едно од објаснувањата е дека технологијата е помал фактор во правото, отколку во медицината.
Европа има интересни сценарија, но она што нè интересира е како Французите и Швајцарците го решаваат тоа: Во Франција, секој човек има право на доживотно учење организирано преку личен студентски профил наречен compte personnel de formation. Во Швајцарија, доживотното учење е лична одговорност, не владина. А сепак, работодавачите и државата охрабруваат да се продолжи со образование преку финансирање на дел од него, или со дозволување на вработените да се запишуваат.
Универзитетите имаат фундаментална улога за играње тука и високото образование си бара промена. Како и класичниот театар, стариот универзитетски модел произведува талент и вредност за општеството, но не се бара укинување, туку адаптација на неговите карактеристики за да се исполнат потребите на денешницата.