Буџетот за „Снежана“ беше огромен - 270 милиони долари, а за првиот викенд на прикажување му предвидуваат заработка од околу 60 милиони.
Ова се секако огромни пари, само што во тој свет не се доволно. Дизни се сопна на сопствениот наратив уште при најавата и луѓето едноставно не прифаќаат дека има римејк на „Снежана“ каде што Рејчел Зеглер во лош костим и лоша перика треба да е поубава од Гал Гадот (ај, тие коментари не се фер), плус дека од старт се плука по оригиналната, романтична Дизни-приказна, каде што Снежана се вљубува во принцот кој ја спасува.
„Кога новинарот прашува „Каков е тој современ агол кој го воведувате?“, Зеглер гордо ќе каже дека тоа значи дека веќе не сме 1937 и дека оваа Снежана не чека да ја спасуваш, не е „да ја жалиш“, не ја интересира принц, и сето тоа како којзнае каква топла вода да имаат измислено. А бидејќи се трудиме да живееме во прогресивен свет, се најдоа навредени сите што искрено го почитуваат буквално секој избор на секоја жена, па макар тоа било и да биде домаќинка и да сака да се вљуби во некого,“ пишувавме во „Што се случува со Снежана?“
Со месеци откако Зеглер инсистираше дека нејзината Снежана е „лидер“, публиката се буни и негодува. Во август, трејлерот надмина 1 милион дислајкови на Јутјуб, а само 80.000 го поддржаа со лајк. Сега поддржувачите се нешто над 100.000.