Девојката што стана вирална заради добри вести

Во свет оптеретен од страшно, Џен, или „Девојката со добрите вести“ станува вирална затоа што на луѓето им треба пауза од страшното - со добри луѓе, среќни животни и здрави заедници.

Веќе има над 2,3 милиони следачи на социјалните мрежи, и објавува видеа од типот „верверичка го посетува кучево секој ден“ што собираат стотици илјади прегледи и лајкови.

„Дива верверичка го посетува ова куче секој ден,“ вели таа во клипот. „Пријателството почнало пред пет години, кога верверичката Хелен го гледала кучето Оливер на прошетка и застанувала да го гледа. Наскоро потоа, Хелен сфатила дека Оливер има омилена фотелја во куќата што случајно е веднаш до прозорецот. Така, Хелен почнала да го посетува кога седи на фотелјата. Понекогаш се обидува да му привлече внимание ако не ја гледа. Но, кога ќе се случи тоа, стрпливо чека да погледне во нејзин правец и потоа заедно ќе го поминат попладнето. А ако ја нема некое време, Оливер ја чека пред прозорецот.

Во последно време Хелен почнала пократко да седи и семејството на Оливер не било сигурно зошто, додека еден ден, не поминала покрај куќата носејќи бебе. Излегува дека бебето на Хелен имало околу шест месеци и на таа возраст, верверичките често ги преместуваат своите млади во ново гнездо, па Хелен се трудела да го пренесе гнездото на дрвото пред куќата на Оливер. Сега може да си го расте семејството поблиску до другарчето.“

Нели е предобро ова?!

Не е само таа приказна, има мачиња што „ги вработиле“ во книжарница, петли што се оддалечуваат од домот, па комшиите ги враќаат, а сè почнало во еден момент во 2023 година кога Џен била болна и лежела по кревети дома, се чувствувала ужасно и не се ни сеќавала кога последен пат се насмевнала. Ѝ изгледало како ништо добро да не се случува во светот, а била сигурна дека тоа не е вистина.

„Решив намерно да барам нешто убаво и најдов слатка приказна за хокеј-играч, што на млад фан во публика му донел сладолед, откако тој што го имал, му паднал. Не беше ништо посебно, а сепак конечно се насмевнав. Во момент на инспирација, решив да го споделам тоа и си поставив цел: Да споделувам по една ваква приказна секој ден. Идејата беше не само да се натерам да наоѓам секој ден по едно нешто што ќе ми предизвика насмевка, туку ќе можам да се вратам и на пишувањето, чисто од забава. И ако можам уште некого да насмеам ако налета на мое видео, уште подобро.“

После неколку објави, едно видео стигнало до 100.000 прегледи, а од таму сѐ повеќе и повеќе - имало и други луѓе што бараат позитивно во светот.

Да си ја заследите, затоа што - аман од лоши вести. Еве ја овде.

1 април 2025 - 10:35