Дали поп-културата го изгуби чувството за забава во 1999 година?

Уште една теорија околу прашањето кога точно стана светот тапа и во кој момент почна да се упропастува културата на запад. Спојлер: Може да е интернетот крив.

Кога ќе кажеме „златната ера на поп-културата“, главно мислиме на ‘90-те. Носталгијата обично ни се врти околу музика, филмови и начин на живот, но има луѓе што сметаат дека токму на крајот од ‘90-те ни се случува суптилна, а значајна промена: културата почнува да се плаши да биде забавна. Звучи контрадикторно, ама почекајте малце.

Ако ви текнува, во текот на осумдесеттите и деведесеттите години, големите холивудски блокбастери секогаш добиваа и своја песна што по правило стануваше хит. Значи не обичен саундтрак, па да мора да останеш до крај до credits за да ја чуеш песната, туку беше огромна работа и скоро еднакво важна како филмот. Спотовите не беа само монтажа од сцени од филмот, туку се случуваше некогаш глумците специјално да дојдат да се појават во нив. Студијата инвестираа милиони долари и на некој начин, песната и спотот беа продолжение на филмската кампања и составен дел од самото искуство.

За многумина што растеa во тој период, ваквите песни се неразделен дел од сеќавањата. „Ghostbusters“, на пример, не беше само филм - за многу деца, голем дел од возбудата доаѓаше токму од песната, што му даваше на филмот чувство на културен настан, нешто што се случуваше истовремено на телевизија, на радио и во училишните дворови. Песните го објаснуваа заплетот, ги претставуваа ликовите и стануваа дел од поширокиот културен разговор.

И потоа, како што размислува авторот Џејсон Паргин, нешто нагло се менува. Песни за филмови се снимаат, ама не се веќе централен дел од поп-културата.

Имаме една конкретна точка: 1999 година и филмот Wild Wild West, заедно со песната со ист наслов на Вил Смит.

И филмот и песната беа масовно критикувани. А според ова толкување, токму тогаш започнува промената во вкусот на публиката. Одеднаш, песна која отворено и ентузијастички го слави филмот почнува да изгледа наивно, па дури и непријатно, па освен ако не е детски мјузикл, ваквиот пристап почннува да се смета за „претеран“.

Некои велат дека сѐ оди надолу во однос на забава после нападите на 11 септември, ама Паргин и други набљудувачи на поп-културата тврдат дека е порано. Веќе од 2000, суперхероите на филм веќе не носат шарено туку „опасно“ кожно, а приказните не се веќе fun, туку одат накај цинични и сериозни.

Еве, споредете Бетмен со Мајкл Китон и Бетмен со Кристијан Бејл.

Па, ваљда нема да нѐ убедува некој дека тип што се облака во гумен костим и го прави гласот подлабок како дете коа имитира возрасен треба да биде озбилен акционен трилер, а не ведар стрип-филм?

Симптоматично е што во исто време кога ни станува „незгодно“ да ни биде забавно, во секоја куќа влегува интернет. Одеднаш, луѓето се свесни дека се видливи и на никој не му се глупира.

16 јуни 2026 - 10:58