
Јазот меѓу инстант-симпатијата преку фотографија и разочарувањето после дејтот психолозите го објаснуваат со феномен кој е познат со децении. Уште во 1968 година, Роберт Зајонц го опишал ефектот на „чиста изложеност“ (mere exposure effect) - идејата дека повторното гледање на нешто или некого постепено ја зголемува наклонетоста кон него. Познатото почнува да се чита како побезбедно, а побезбедното како попривлечно. Во нормални околности, тоа значи дека привлечноста има време да се развива полека, низ повторни средби и постепена блискост.
Но дигиталната средина го скратува токму тој процес. Немаш време, напротив - сѐ мора да се случува брзо. Нема повторување на средбите, има избор од илјадници нови лица.
Секоја мала интеракција со апликацијата - подолго задржување на поглед, двоумење, скролање назад - сето тоа станува сигнал за алгоритмот. Тој учи, прилагодува и почнува да ја стеснува понудата. На корисникот му прикажува сè порафинирани варијанти на она што претходно предизвикало интерес. На прв поглед, тоа изгледа како подобрување на изборот, но ефектот често е посуптилен: се создава чувство дека постои „поточна“ верзија на она што се бара.
И штом е така, на реалниот состанок што следи му останува споредба со нешто што не постои во просторот пред нас, туку во меморијата на апликацијата. Личноста наспроти која седиме не се оценува само сама по себе, туку и во однос на еден дигитално изграден идеал кој брз, визуелен и базиран на први впечатоци.
Истражувачи укажуваат дека ваквите системи „оптимизираат“ за одредени типови партнери, што се разликува од историскиот начин на кој се развивала романтичната привлечност. Во поголемиот дел од човечката историја, луѓето се запознавале во повторливи, секојдневни контексти. Привлечноста имала простор да се менува со време, наместо да се дефинира во првите неколку секунди.
Сепак, многу луѓе можат да се сетат на врски кои на почетокот не изгледале значајно, а подоцна се покажале токму спротивното. Заедничко за нив е времето - можноста нечија личност да стане видлива надвор од првиот впечаток.
Излегува дека е можно она што постепено се менува да е трпението - да дозволиш привлечноста да се развива надвор од алгоритамот, во реални, непредвидливи услови, затоа што е процес кој бара време, а време дигиталните системи уште не научиле да симулираат.