
Па еден куп видеа со анонимни набилдани типови што ти викаат дека ако се сакаш себеси и животот, треба да станеш пред изгрејсонце и да вежбаш, па да појадуваш храна за птици.
Па, после тоа друг набилдан тип ќе те учи да најдеш дополнителни извори на заработка и никако да не губиш ни минута од денот на обични работи.
И на крај сето ова здосади.
Во последните години, културата на непрекината продуктивност, позната како hustle culture, се соочува со сè поголем скептицизам. Сега, наместо приказни за работа по 80 часа неделно, на Инстаграм и ТикТок сè почесто се појавуваат содржини посветени на бавни утра, обични задоволства и живот што не мора постојано да води кон некакво достигнување. Сега сме во време на посимпатични изрази: slow living и soft life, а идејата дека човек може да биде задоволен и без импресивна професионална биографија веќе не звучи толку необично.
Не се забележува ова само од трендови на социјални мрежи - има и истражувања. Во едно спроведено меѓу повеќе од 23.000 припадници на генерацијата З и миленијалците, само шест проценти изјавиле дека сакаат раководна позиција - односно, да стануваат шефови, директори и други „врвови“. Финансиската сигурност, можностите за учење, смислата во работата и личната благосостојба добиваат многу поголемо значење.
Време беше.

Во 2025 година, само 20 проценти од вработените на глобално ниво биле активно ангажирани во својата работа, најниско ниво од 2020 година. Се разбира, намалениот ангажман не значи автоматски и помала амбиција, но открива дека традиционалниот однос меѓу работодавачите и вработените минува низ сериозно преиспитување. Можеби дел од објаснувањето лежи во фактот што ветувањето на културата на напорна работа не се исполни за сите. Диплома, прекувремена работа и професионална посветеност повеќе не гарантираат финансиска стабилност, сопствен дом или сигурна иднина.
Сепак, и идеализирањето на мирниот живот има свои проблеми. На ТикТок бавните утра често се одвиваат во прекрасни станови, со скапо кафе и доволно слободно време за долги прошетки. За човек што работи две работи за да ја плати киријата, таквиот живот е привилегија, а не едноставен избор. Иронијата е што и откажувањето од амбицијата понекогаш се претвора во нова естетика што треба да се купи.
Дали е рано да прогласиме дека амбицијата излегла од мода? Луѓето и понатаму сакаат да напредуваат, да заработуваат и да создаваат нешто вредно, но, сè повеќе го преиспитуваат уверувањето дека секоја слободна минута мора да биде корисно потрошена и дека успехот нужно подразбира жртвување на приватниот живот.