Ова се однесува на најпопуларната секвенца од филмот, кога Шерон Стоун го привлекува вниманието на полна соба џандари и за време на испрашувањето ги шири нозете од прекрстена положба, јасно покажувајќи им на мажите во просторијата (а и на публиката во кино) дека не носи долна облека.
За Јаху Ентертејнмент, Пол Верховен во 2016 откри дека инспирацијата му е уште од студентските денови.
„Имаше една жена во нашите кругови што беше малку постара од нас,“ рече тој. „Јас и другар ми видовме дека не носи долна облека. Тој беше похрабар од мене и ѝ пријде и ѝ рече, ‘свесна си дека можам да ти ја видам вагината?’, а таа рече ‘Нормално - затоа и ги правам овие работи.’ Ова ѝ го кажав на Шерон еднаш кога вечеравме и ѝ реков, што ако ја ставиме таа сцена во филмот?“
Сепак, последниве години, Стоун малку ја оспори верзијата на Верховен. Во нејзините мемоари кои излегоа лани, актерката тврди дека ја прелажале да се изложи себеси за таа сцена. Далеку од тоа дека било разговарано пред време - таа се сеќава дека Верховен чекал додека не стигнат на снимање за да ѝ ги објасни намерите.
„Ми беше кажано дека не се гледа ништо - само соблечи ги гаќите затоа што белото рефлектира светло, па се гледа дека имаш долна облека,“ напиша Стоун. „Да, има многу начини да се гледа на ова, но бидејќи јас сум таа со вагината што е во прашање, дозволете да кажам дека другите начини на гледање се срање.“
Таа ја немала видено сцената додека Верховен не ја поканил на снимање на кое присуствувале агенти, адвокати и директори - мажи. „Така го видов тој кадар прв пат,“ вели таа, додавајќи дека му врзала шамар на Верховен кога завршил филмот.
Веднаш се консултирала со нејзиниот адвокат, кој ја советувал да побара спречување на пуштањето на филмот. „Во тој момент, на филмот тоа требаше да му даде Р-рејтинг. Адвокатот рече дека според правилата на синдикатот, не смееле така да ме снимаат под фустан. Ми олесна.“
Со тек на време решила да не тужи. Се расправала со Верховен кој тврдел дека нема никакви права, бидејќи е „само актерка, само жена“.
„Избрав да дозволам таа сцена да оди во филмот. Зошто? Бидејќи беше точна за филмот и за ликот; и бидејќи, сепак, ја снимив.“
Верховен вели дека неговото сеќавање радикално се разликува од нејзиното, но излегува дека не му е прв пат - Во интервју, ѕвездата од Showgirls, Џина Равера го опиша болното, деветчасовно снимање на сцена со брутално силување и кажа дека режисерот не искомуницирал како што треба што се очекува од неа. „Барем да кажеше - ова е причината за бруталноста,“ рече актерката, додавајќи дека Верховен многу живо ги режирал мажите во таа сцена, што пак ги охрабрило да бидат „преенергични“. Во еден момент, еден од актерите толку се возбудува, што вистински ја удира, па едвај успева да си ја врати вилицата во нормала.
„Не се кажа што ќе се случува и не знаев што да прашам, затоа што не сум била во таква ситуација ни професионално ни приватно. Прв пат снимав сцена со силување. А имаш мажи што те имаат приклештено; имав модрици на рацете и по телото, поради тоа што се бараше за камерата. Како каскадерска сцена, и каскадерите секако се повредуваат. Но, каскадери знаат во што се впуштаат, а јас не знаев.“