Кога почнав да пишувам за Офф.нет, ми раскажуваше еден другар, дека се нашол во некое друштво каде што сите го сардисале за темите што јас ги бирам и начинот на кој што пишувам. Нешто немам поима, нешто сум неписмена, нешто (најјакото!) се облекувам како Бугарка. Ха, би САКАЛА ја оваа храброст да ја имам. Се трудел он некако да ме одбрани, непотребно, и на крај му го поставиле прашањето:
Зашо бе, баш нејзе ја викнале да пишува таму?
Ѓорѓи сардисан рекол: „Па ваљда ја бива за пишување ако ја викнале?”
„Aхаааааа, како неееее”, елоквентно ќе се произнесат моите судии на тоа, па ќе додадат и едно загадочно: „Немој да мислиш дека она све ти кажуе.”
Гледате како они ќе го убедуваат дека знаат повеќе за мене од него. Еден куп отрови му исфрлиле ни крив ни должен, со алузии за неспособност, со алузии за курварлук како начин на стигање до одредени привилегии.
Најјакото?
Сите биле жени. Цело друштво жени. Жени, со завршен факултет, секоја една со лична борба за работа, за преживување, за оддржување врски од секаков тип, со аспирации, со афинитети и желби.
И секоја една од нив тврдела дека јас сум недостојна за констелацијата во која се наоѓам и дека до таму сум дошла на сумњиви начини, а и да не сум - и така сум тапа.
Зошто така мислеле ич не ми е гајле, затоа што апсолутно имаат право да не им се свиѓа тоа што го правам, а зошто тоа траело цела вечер знам, и пак ич не ми е гајле.
Проблемот е што не се само девојките во тоа друштво, кои искрено се надевам дека веќе водат успешни животи и имаат на што да се радуваат.
Проблемот е што е страшна бројката на такви (жени) кои одлучуваат дека секоја (според нив) успешна жена нема шанси да го постигнала тој (според нив) успех затоа што ја бивало. И така најглупо успеваат да си го сопнат целиот род на кој инаку би важеле за баш фини претставници.
Не дека оваа гадна карактеристика е ограничена на еден пол, напротив, и мажите знаат вака. Муабетот е дека злобата добива на тежина кога е кон некој што е „од твоја”.
Минатата недела пишував дека како што е жена инквизитор - никој не е. Предминатата недела објавив Јутјуб видео од една хрватска авторка што објаснуваше дека е НЕПРИФАТЛИВО мајки да напаѓаат други мајки и жени што не сакаат да бидат мајки ИСКЛУЧИВО затоа што им се разликуваат ставовите.
И плус, сведоци сме на МиТу кампањата каде што, меѓу сите корисни појави, никнуваа жени што по секоја цена беа решени дека ќе омаловажуваат други жени по било кој основ.
Забавниот дел од вештерските приказни го гледаме на филмови - вештерка прави зло, ја палат.
Историјата вика дека често мажи кои не можеле да се помират дека не можат да имаат некоја жена, ја пријавувале за вештерка затоа што - така.
И уште еден заебан факт вика дека исто многу често - несреќни, завидливи и љубоморни жени урлале дека некои жени се вештерки, само затоа што - ете им сметале.
Се проценува дека во тој лов на вештерки во западниот свет, од 1500-та до 1800-та година, убиени се од 35.000 до 100.000 луѓе. Ако на тоа се додадат и илегалните убивања и земањето на законот против вештерки во свои раце, излегува дека загинати се околу 200.000 луѓе.
Тоа е шестцифрена бројка на луѓе мртви заради нечија суета.
Суета што денес не е оправдана причина за лов само затоа што сме 21-ви век. Иначе, дечки, којзнае колку од тие што ве нејќат „затоа што така”, со задоволство би ве пријавиле кај локалниот кмет.
Јавното распнување и фрлање отров, кога си безбедно сокриен позади екран е еднакво на буквалното распнување кога си безбедно заштитен во толпа што е на „правата страна”.
И, ах, како толпа може да се увери себеси дека е на правата страна.
Ловот на вештерки, и машки и женски, сè уште постои, сè уште го водат луѓе со истите фрустрации од пред 500 години и заради нив сте оговарани и клеветени. Заради нив слушате фантастични трачеви за себе во град. Заради нив не можете да се дружите со другарите што се женети и заради нив понекогаш ќе си дозволите да се запрашате „да не е во мене проблемот” и не е.
Во нив е.
Додека вие почнувате да ги жалите дека се трули и ограничени, они делат менталитет со бабата со бркови во „Чудо невидено”, кога гледа жена како се бања во езеро гола и под брк вика „Пу, што нијесам мушко”, за да може раат да ја размава „што е таква курва”.
Ми фалеше некој научен доказ дека сум во право и ми текна дека имам контакт од една психотерапевтка, што ја имам видено само на слики и многу ми е јака.
По дома читав што имам напишано на глас, и им реков „и ќе земам изјава од психолог, чекај да ти покажам на слики колку е кул.”
„Да, стварно,” вели домата. „И убава е.”
„Да,” викам јас. „Може и да ме одјебе. Ама пак ми е јака.”
„Да де,” се согласува домата.
(не ја измишљам дискусијава, стварно сме нормални)
See what I just did there? Можно е девојката да ме одбие и скроз легитимно да не ѝ е гајле за ова што го пишувам, ама тоа не ја намалува нејзината вредност, не станува неспособна и глупача затоа што МЕНЕ не ми направила ќеиф.
Чудесно.
Среќа па, внатрешноста одговара со надворешноста.
Ја прашувам М-р Ивана Хаџиванова, Психолог и Гешталт психотерапевт, од Центарот за психотерапија, психодијагностика, тренинг и едукација - НЕОКОРТЕКС.
Во основа, ја прашав, „зашо ова вака”, односно, зошто луѓето, поточно жените имаат тенденција да напаѓаат други жени неосновано и дали се должи тоа на комплекс на пониска вредност?
И вака вика:
„Факт е дека жените се построги и покритични вербално кон други жени отколку кон мажите и постојат истражувања во психологијата кои го поткрепуваат тоа. Една од причините е дека живееме во мала земја и се познаваме едни со други, но и како народ имаме тенденција да прикажуваме ниско ниво на свесност и грижа за себе, а висока „за комшијата”. Друга причина која објаснува зошто баш жените се склони кон овој феномен е нашиот менталитет и општествените интроекти. Кај нас на жената и се наметнуваат преголем број на улоги и одговорности поради што некои жени се одрекуваат од своите амбиции и цели за да ги постигнат улогите на идеална мајка и сопруга, а тоа предизвикува незадоволени потреби и желби.
Генерално, тие кои се склони кон престрого и неосновано критикување и озборување, размислуваат црно-бело, односно со ниска интегративна комплексност на мислењето. Немаат емпатија за личноста која ја осудуваат, не се обидуваат да ги видат нејзините вредности и добри страни.”
Гледате? Ако не знам јас, знае човек што го посветил животот на истражување психолошки феномени. А ова е секаде низ светот, само што, кај нас поднебјето уште повеќе ги комплицира работите.
Плус, според М-р Хаџиванова,
„Понекогаш и луѓето што имаат интензивна потреба за супериорност која ги надминува здравите граници, а во позадина негуваат комплекс на инфериорност, ја имаат истата тенденција. Во контекст на овој феномен, личното чувство на неадекватност и фрустрации создаваат дефанзивен став кај личноста, која некогаш се експресира со напад кон другиот кој покажува некаков резултат.”
Нека потрепка малце „ги надминува здравите граници”.
„Кога човек се чувствува несигурно и неуспешно, станува склон кон чувство на завидливост. Тогаш му е потребна потврда дека и другите луѓе имаат мани, односно не се доволно добри, па од тие причини се критикува другиот и се прави обид да се намали неговата вредност пред групата, за тој да се чувствува макар за миг повредно. Притоа тој бара поддршка и потврда за неговиот критизерски став од својата група.
Некогаш станува збор за одбранбениот механизам на проекција, кој може да се јави и во форма на омраза и критикување на личните оттуѓени делови од себе кои ги гледаме и проектираме во другите. А сепак, сите сме луѓе и често сме виновни за овие појави.
Плус:
„Однесувањето на жените кон други жени е и понекогаш јасно детерминирано и од релацијата мајка-ќерка, односно од развојниот период. Доколку мајката е прекритична кон околината, особено кон своето дете, често изразува незадоволство, остри вербализации основани и неосновани, се создава предуслов и тенденција и тоа да го прави истото кон останатиот женски пол, па и кон своето дете во иднина. Ова е всушност транс-генерациски модел на однесување кој се учи по пат на имитација. Значи и домашното воспитување, апсолутно е фактор за односот и почитта кон себе прво, а потоа и кон остатокот од светот.”
Ете така. Затоа, олабавете малку. Никој не е имун на трач зад затворени врати и сите сме криви за тоа. И додека е забавен и необавезен муабет, во ред, ама ако случајно забележиме сериозни, силни негативни чувства за човек што нема ама баш никаква врска со нас, тогаш - во нас е проблемот. И супер би било кога би го решиле.
П.С. Офф.нет еве шеста година никако да се опамети дека немам поима од пишување, СУМ-ЊИ-ВО!
Јана