#NotMe

Говорот на Вуди Ален за Дајен Китон и навредените феминистки

Шетајќи по The Cut, инаку одлично онлајн списание, најчесто за жени, преполно со занимливи работи за читање, можете да налетате и на еден текст, со наслов „Зошто аплаудираме кога Вуди Ален ги навредува жените” и текстот, луѓе мои, е сè што не чини во светов денес.

Во текстот, извесна Мими Крејмер (за која, по кратко гуглање се открива дека кој што прави - она се занимава со модерната, доста кликабл тема сексуално вознемирување во Холивуд), преку прераскажување на разговор со некоја нејзина другарка, ужаснато го коментира излагањето на Вуди Ален за Дајен Китон, која на една манифестација добива „Награда за животно дело”.

Се разбира, ако Дајен Китон добива награда за животно дело, кој би бил посоодветен да ѝ ја врачи, од Вуди Ален?

И излегува Вуди Ален, и почнува, со говор со каков што сите би биле среќни да нè најават. Немаше тука ништо од тоа зановетање колку е таа успешна ЖЕНА, напротив - Ален раскажува како за пријател, како за човек и талентиран, успешен професионалец. Ова го нагласувам, затоа што имаме тенденција да ги формулираме исказите со „успешна ИАКО жена”, или „неверојатна, НО ВО ОВОЈ МАШКИ СВЕТ”.

Не може така.

Не може да си додаваме или да си одземаме од успехот заради еден или друг пол. Врвот на достигнувањето би било кога ќе се препознае нечиј успех, без полот воопшто да дојде до муабет.

И да видиме, понатаму. Меѓу ситните закачки - дека никогаш не направила естетска операција и решила да си остане стара, дека секогаш се трудела да ја сокрие сексуалноста со начинот на облекување и дека му викала дека го сака - па повраќала (затоа што била булимична, притоа публиката моча од смеење, сосе самата Китон), Ален истакнува колку неверојатен човек е таа, како поголемиот дел од неговиот успех (огромен успех!) ѝ го должи на неа, како го натерала да го гледа светот низ нејзини очи, како е фантастичен писател, фантастичен фотограф, глумица, режисерка... Па додава дека во еден момент го нарекла „отскочна даска”, а публиката искрено се превртува од смеење.

И на крај, конечно ја најавува со сите овие нејзини квалитети, го вметнува зборот „fellatrix” и ја кани на сцена.

Океј, што е fellatrix?

Тоа да ти значело „жена што пружа добар орален секс”.

Веројатно никој во публика не сфати, или едноставно не се закачија за тоа. Дали мислите дека на Дајен Китон и засмета тоа? Дали мислите дека прв пат ја закачаат со божемски и небожемски шовинистички финти? Дали некогаш сте биле дел од машко друштво што најбезобразно ве закача само заради полот, иако кога се сите сериозни, сфаќате дека бескрајно ве почитуваат како личност, а не како другарКА?

И на крај, дали се жените толку за грев, што не можат да се справат со такви глупи закачки? Дали сте сериозни дека треба да живееме во свет каде што жените се ТОЛКУ МНОГУ НЕЕДНАКВИ што треба околу нив да се гази на јајца, додека мажите се шутираат со секакви најодвратни заебанции, без никој да замери? Значи мажите треба да ги боли кур и да не се замараат, ама жените мораат да се замараат? Дали сте нормални? И пак ќе прашам, ДАЛИ НЕКОГАШ СТЕ ИМАЛЕ ДРУГАРИ?

Мими Крејмер (онаа, навредената од говоров каде што Дајен Китон беше претставена како ВРВ и жена кон чиј што успех треба секоја жена да се стреми), изгледа немала.

Она е закачена за fellatrix. Она тврди дека Вуди Ален генијално ја изманипулирал публиката. Он бил последен што најавувал награда, замислете, знаел дека ќе биде крајот на вечерта, знаел дека на крај сите ќе станат да аплаудираат и го искористил тоа. Го искористил, разбирате ли.

Вуди Ален на свои 82, седел дома и размислувал како да ја изманипулира публиката да аплаудира за него, а не за Дајен Китон. Со тоа што од него било побарано да ја најави, па го искористил тоа. Нема врска што ја најави како што ѝ доликува. Нема врска што жената добива заслужена награда за животно дело.

НЕ Е БИТНА ОНА.

Битно е да кукаме затоа што Вуди Ален е машко. Дека Вуди Ален е обвинет за педофилија и силување, обвиненија отфрлени од судови во дури две американски држави. Обвиненија кои никогаш веќе не се повторија (ако гледаме емпириски, сите обвинети во последниве месеци беа обвинети од минимум неколку луѓе). Обвиненија што дојдоа во од прилика исто време кога Миа Фароу му прати разгледница каде што неговата слика е избодена со игли и текст „ти ми го зема моето дете, сега јас ќе ти го земам твоето.”

Ама сепак, не сме суд. Не е наше да пресудиме и да кажуваме кој лаже. Овде НЕ СЕ РАБОТИ ЗА ВУДИ АЛЕН.

Се работи за Дајен Китон.

Се работи за славење на Дајен Китон. За славење на женски успех, ако така ви е подраго, иако мене не ми е. Мене ми е подраго да биде тоа нечиј успех.

Не е за славење на женски успех, ИАКО под папуча на маж. Тоа не е прифатлива конструкција. Заради таа конструкција оди курбан целиот корисен и потребен активизам и борба против насилство, угнетување и малтретирање жени, само затоа што се жени. 

Не знам дали сите што го делат мислењето со оваа недоквакана Мими Крејмер разбираат дека, да се изразам глупо: еден маж пред светот признава дека неговиот успех го должи на една жена што не му е ни мајка, ни жена, ни сестра, ни ќерка. Во Холивуд. Тоа што сите сакавме - да им се признае на жените колку вредат.

И што прават луѓето? Од сè кажано, се закачуваат дека „добро пуши”? 

ПА ШТО АКО ДОБРО ПУШИ?

Од кај па тоа дека не смееме со жени да правиме заебанции со сексуална конотација? Зошто? Дека дами?

Нели еднаквост?

Да не не смеат да пцујат, кога сме веќе кај тоа? Да не не смеат да учествуваат во такви „машки” муабети? Да не не е тоа за девојчиња?

Толку длабоко се раскопавме, што излеговме во наопачки свет. Глуп, напорен, контраинтуитивен свет. Се претера и се отиде предалеку. До толку далеку, што не може да се прослави успех на врвен професионалец, само затоа што е случајно жена, што ја најавува маж. И случајно тој маж ја обожава таа жена.

Ама не.

#MeToo.

Е па, #NotMe.

30 јануари 2018 - 13:27