Анатомија на „Да останеме другари”

На Универзитетот во Канзас, Ребека Грифит ги претставува резултатите од нејзиното истражување за пријателства после раскинување, и потоа ги прашува своите колеги дали имаат некое прашање. Имаат, ама не околу текот и деталите за истражувањето. Главното прашање што се поставува е „Треба ли останам пријател/ка со поранешниот партнер?

Според Грифит, проблемот е и комплексен и универзален. Анксиозноста околу „Се надевам дека ќе останеме другари” потекнува од несигурноста околу тоа што точно е намерата зад изјавата, или дали воопшто се работи за искрен гест. Ако го кажеш после раскинување, или се намалува болката од разделбата, или е најсуровото што може да ти падне на памет - зависи кого прашуваш. Некои би рекле дека да скршиш нечие срце, па после да побараш и понатамошно емотивно вложување е многу нефер.

Грифит открива дека има четири главни причини поради кои луѓето сакаат да оддржат пријателство после раскинување: заради цивилност (Сакам раскинувањево помалку да боли), од нерешени романтични желби (Сакам да се гледам и со други, но и ти да ми бидеш блиску во случај да се предомислам), практичност (Работиме/учиме заедно, се дружиме со истите луѓе, па треба да бидеме во добри односи) и сигурност (Ти верувам и сакам да ми останеш во животот како другар и поддршка).

Резултатите покажале дека многу често, „останувањето другари” од нерешени романтики било проблематично, затоа што се појавувале негативни чувства, а продолжувањето и отстранувањето на емоциите било предизвик. Од друга страна, пријателството поради сигурност, произвело најпозитивни резултати и најквалитетни односи.

Уште една причина е кога не сакаш да го оштетиш заедничкото друштво. Вака кажува Кели Марија Кордуки, автор на Hard to Do: The Surprising, Feminist History of Breaking Up. Кога на 33-годишна возраст раскинала врска, еден од најтешките моменти бил да им се каже на заедничките другари. „Им се сменија фаците,” се сеќава таа. На крајот, продолжиле и таа и бившиот да се дружат со луѓето, но одвоено. И тоа ја сменило динамиката.

Кордуки исто така се прашува дали популарноста на „останувањето другари” се должи на тоа што се повеќе луѓе се осамени, според многу истражувања во САД.

„Ако сте во врска долго време, едноставно немате голем број на заеднички пријатели,” вели Кордуки. „Може сте дел од некаква заедница, веројатно сте блиски со неговото/нејзиното семејство, можеби сте развиле однос со нивните браќа и сестри. Да останеш во пријателски однос или барем „во арните” може да ја оддржи таа мрежа на создадени врски.”

Заклучокот е дека „Се надевам дека ќе останеме другари” е навистина симптоматичен за широкото прифаќање на важноста на пријателствата - и блиските и емотивните, па дури и оние каде што „Другари сме” значи „Се знаеме.” Има многу поголема свест сега за важноста на другарите во еден живот, дека опкружувањето не ни е одредено само со семејството во кое сме се родиле, туку и во семејството што ќе го избереме.

20 август 2019 - 16:24