Амелија Ерхарт била прва славна личност со сопствена модна линија

Модните линии на славните често се предмет на шпекулација, затоа што на луѓето некако тешко им иде да замислат дека пример, Викторија Бекам се шета по пазари да бира материјали, или дека Канје Вест робува над Сингер машина со ноќи, обидувајќи се да стигне до замислениот дизајн. Како и да е, многу децении пред овие имиња, и ним слични (Џесика Симпсон, Сара Џесика Паркер, Џенифер Лопез), имаше една Амелија Ерхарт.

И нејзината модна линија е најверојатно првата.

Во 1934-та, Амелија Ерхарт е име што сите го знаат, бидејќи светот е вљубен во нејзе како првата жена со прекуокеански лет. Иако се дружи со славни личности и го ужива истиот статус, не ја плаќаат исто и се наоѓа во ситуација каде што мора да размислува за дополнителни средства за да ја финансира нејзината вистинска страст – летањето.

Џорџ, сопругот на Ерхарт, откако ја запознал, и помогнал да ја напише нејзината книга и ја засакал, ѝ станува менаџер, ги организира нејзините пресови и соработки, дури и средува нејзиното име да се најде на линија патни торби, произведувана од 1933-та до ‘70-ти.

Ерхарт и претходно имала искуство со правење облека. Во тоа време девојките задолжително ги учеле да шијат и сама си ги креирала фустаните, наместо да купува готови. Прв пат дизајнира за други како претседател на „Деведесетидеветки“ (заради 99-те членови) - заедница на авијатичарки. Оделата за летање најчесто биле дизајнирани за мажи, па Ерхарт ги дотерала да бидат пофер за жени – во два дела, со нејзино лого – две испреплетени деветки. Спонзорирала и „Шапка на месецот“, каде што се доделувало Стетсон за жената што слетала на најмногу аеродроми во месецот.

Иако најпознатите фотографии од Ерхарт даваат впечаток дека била машкуданка со едноставна естетика, со кожен бомбер и машки панталони, таа сепак сакала да се дотерува и да експериментира со модата. Во 1928-ма ја ангажирале како уредник во Космополитен, едно скроз модно и женско списание. На ручек со Елза Скиапарели (современичка и ривалка на Коко Шанел), Ерхарт си ја кажала желбата за попрактична мода за жени, за да биде дотерана и активна истовремено.

Откако добила охрабрување од Скиапарели, почнала да ги става сопствените идеи на хартија за колекција. „Беше многу заинтересирана за практична женска гардероба, и беше совршена за ваква модна линија,“ вели Жанин Хед Милер, куратор на делот Domestic Life, во музејот Хенри Форд, во кој има блуза со Амелија Ерхарт етикета и е дел од изложба за неа. Според нејзе, целта на Ерхарт била да создаде финансиски достапна мода за една активна жена.

Во 1934-та, колекцијата на Амелија Ерхарт почнува да се шири низ Америка и ја има во 30 големи градови. Имале интересна стратегија, парчињата можеле да се најдат само во една стоковна куќа во секој град. Имало и одвоен, дискретен бутик на Амелија Ерхарт на секоја локација.

Самите креации не отскокнувале од другите во тоа време, иако Ерхарт Дизајнс се смета дека е прва колекција што ги продава парчињата посебно – што значело дека жените можеле да купат различни големини за доле и горе. Во тоа време, се купувало иста големина и за горниот и долниот дел од телото, па жените морале да одат по шнајдери за да ги досредат.

Ерхарт била убедена во својата естетика, чија што цел била да се комбинира нејзината љубов кон модата и авијацијата. Една статија во New York World Telegram, од 29-ти декември, 1933-та има нејзин цитат: „Отсекогаш сум верувала дека облеката е премногу важна во животот на една жена... И верувам дека има многу убавина во авијацијата – боја и крој исклучиво за воздухот и тоа сакам да го изразам во спортската гардероба.“

И покрај првичниот успех, сепак Амелија Ерхарт Фешнс трае само една сезона. Америка во тој момент е центар на Големата депресија, па модата се гледа како непотребен трошок. Ерхарт продолжува да лета и да наоѓа други срефства за финансирање, до исчезнувањето во 1937-ма.

25 јули 2017 - 10:39