Ај да пиеме кафе

Затоа што, според три прилично релевантни извори, тоа ќе ни го продолжи животот.

Националниот институт за канцер, Националниот институт за здравје и медицинската школа Фајнберг на универзитетот Нортвестерн неодамна анализираа податоци од пиење кафе од The Biobank, во рамки на едно долгорочно и обемно истражување на половина милион луѓе во Велика Британија на возраст од 38 до 74.

Резултатите се објавени по сите релевантни научни магазини што сега нема да ги запамтиме, затоа што она што најмногу нè интересира е дека, не само што кафепијачите во просек живеат подолго од оние што не пијат кафе, туку и луѓето што пијат многу кафе - живеат подолго од оние што го пијат повремено или ретко.

Да се разбереме: резултатите покажуваат корелација, не каузална поврзаност. Ова може да значи дека луѓето што повеќе пијат кафе имаат поздрав животен стил и поради тоа живеат подолго. Можно е да е така, но не мора да значи со оглед на многуте докази што потврдуваат дека и луѓето што пијат кафе имаат:

20% помал ризик од заболување од рак

20% помал ризик од дијабетес тип 2

30% помал ризик од Паркинсонова болест

5% помал ризик од срцеви заболувања.

На вас што цел ден се налевате со кафе, ова ви е секако одлична вест, ама видете и ова: позитивните ефекти се трупаат дури и кога пиете 8 и повеќе шолји кафе дневно. Тоа секако може да значи и дека ќе почнете да одите по таван и дека може и треба да разговарате со доктор ако ви е дојдено до над 8 кафиња, ама сепак. Резултатите се тие.

Сепак, остануваат предупредувањата:

- Бремените жени треба да избегнуваат кафе со кофеин затоа што неродените бебиња не можат да го обработат кофеинот

и

- Додатоците во кафето, односно шеќерот и кремот ги поништуваат повеќето, ако не и сите придобивки од кафето.

За среќа, ако купувате квалитетно кафе, го чувате како што треба и редовно го чистите апаратот, додатоците не се потребни.

Затоа, ај да пиеме кафе.

За мотивација, имаме Гифови со кафе.

30 јануари 2019 - 00:00