5 навики што би требало да ви го променат животот

Би требало, затоа што колку ќе извлечеме од нив, зависи само од нас.

До пред пандемијата беше лесно да пропадне човек во рутина и да се чувствува заглавен - сега чувството е х100. Советите за малите навики што менуваат живот не се само празни флоскули собрани од токсично-позитивна книга за самопомош - поддржани се од научни истражувања.

1. Запишете три нешта заради кои сте благодарни, секој ден

Оваа активност не ветува дека ако вака правите еден месец, во гаража ќе ви се створи кола од 100.000 евра. Но, ветува интроспекција, набљудување и носење заклучоци за сопствениот живот и ситуациите што ни се создаваат во него. Помага да добиеме перспектива на работите и предизвикува позитивен став кон животот, што неминовно води кон подобрено ментално здравје, а со тоа и поголема продуктивност. Се намалува нивото на стрес и се подобруваат односите со луѓето околу нас.

2. Чистете 10 минути, секој ден

Веројатно ви е познато чувството на преплавеност, кога ќе ви текне колку многу имате за чистење по дома, само затоа што во секој ќош е собрано ѓубре од различна категорија. Проблемот со таа преплавеност е што доаѓа бидејќи си задаваме (тешка) цел да го средиме сето тоа одеднаш, што природно води до одложување на таа обврска. Но, ако одредиме 10 минути за чистење секој ден, со мала цел (на пример: средување биро, местење кревети и пребришување кујна), веќе не изгледа ни страшно, ни премногу - па шансите да го направиме тоа и со тоа да добиеме некаква сатисфакција се многу поголеми.

3. Погрижете се за кожата

За жал или за среќа, изгледот на кожата може да биде директно поврзан со начинот на кој се чувствуваме. Според клиничкиот психолог, Ричард Фрајд, исфрлана кожа, кршливи нокти и измачена коса се показатели за менталната состојба на човекот. Овие физички состојби додатно влијаат на тоа како ќе се чувствувате, па резултатот е - влошување. Од овие причини, вреди да се посветиме на негата на кожа, бидејќи води до посилна самодоверба и постабилна психичка состојба.

4. Имплементирајте го правилото 80/20

Во 19 век, Вилфредо Парето открива дека 80% од неговата земја е во сопственост на 20% од нејзините жители. Овој принцип се повторува до ден денес, во бизнис и во спорт, но како би можеле да го вметнеме и во животот?

80% од нашиот успех се должи на 20% од работата. Ова значи дека 80% од работите што ги правите се небитни за вашиот успех. Принципот може да се примени со тоа што ќе набљудуваме кои 20% се најбитни за да постигнеме нешто; најлесен начин да се открие ова е да се направи листа на задачи, со тоа што најважните ќе бидат на врвот, а најневажните на дното. Прешкртајте 80% од списокот и фокусирајте се на она што е битно за да се заврши работата.

5. Имплементирајте ефикасни дневни рутини

Ако се будите уморни и демотивирани, ова е знак дека дневните рутини не ви функционираат како што треба. Се делат на утринска и вечерна, и секој има свои уникатни начини за почнување и завршување на денот. Од сабајле може да се вежба, да се слуша подкаст додека се спремате за на работа или да се чита вести. Навечер е важно да се работи на де-стресување на телото од долгиот ден на работа или факултет, со активности што полека те спремаат и за кревет. 

извор

21 јануари 2021 - 14:14