10 грешки во стил, и како се поправаат

Понекогаш е едноставно (кога стоиш пред огледало) да преминеш од „шознам“ во „закон“.

Прво, да изразиме едно разочарување дека и во обично видео со наслов „10 стилски грешки...“ мора да има дисклејмер за некој да не се навреди.

Цела една минута девојчето елаборира како „грешки“ е тежок збор, ако нешто ѝ е нејзе грешка, не значи дека и ние треба да го сметаме за грешка, дека тоа што одлучила дека е проблем за нејзиниот стил, вкус, тип на тело, не значи дека... И „ве молам, не се вреѓајте“.

За видео околу мода и стил. Ама ете, до тоа дереџе се доведовме.

А реално, и под ризик од тужба, храбро ќе кажеме дека грешка е да не ја измкнеш малку кошулата од панталони. Ете.

Назад на фини работи.

На пример, една од идеите, што не би ни паднала прва на памет е дека човек треба да си одреди која висина на струк кај фармерки и панталони му одговара. Нешто што ти стои на тебе, нема да му стои на тој до тебе. Во случајов конкретно, на авторката ѝ одговара 28 цм должина. Тоа би значело дека, а) дома имате фармерки што не ви одговараат, затоа што, на кој да му текне дека треба и на таа мерка да се пази; б) сега имате нова мука за пробување во продавница, за да одредите што точно ви стои совршено.

Малце проблеми си правиме, но добро.

Или, превисоки штикли (овде пак ќе каже дека не им суди на тие што ги носат, туку на самите штикли). Овде поразено ќе заклучиме дека да, превисоките штикли се како мали справи за мачење стапала, но, истовремено, некои од нив изгледаат (и прават нозете да ти изгледаат) толку совршено, што тешко им се оддолева. Иако, веќе 2-3 години, патиките влегуваат на голема врата и штиклите остануваат за некои поинакви категории на луѓе.

За едно ќе се согласиме - тоа полуштиклите се грди, бре.

Понатаму, дајте шанса на shapewear. Мидери што прават струк, големи бициклистички и гаќи што стегаат, и лажат дека сте биле во теретана, такви работи. Не е ова веќе „за мајки и за баби“, многу е мејнстрим и треба да се проба.

Па, носење премногу додатоци.

Закопчување до заби.

Невнимание за коса.

Има тука доста работи што можат да ви го средат стилот, а ништо посебно не треба да се вложи. Океј, освен што треба од ново да се учите да бирате фармерки.

31 јануари 2020 - 10:49