Последниве 10 излегоа бисери на човештвото што претходно не сме ги виделе. Дали е за тоа крив интернетот, виралноста како феномен или отсекогаш сме биле вакви, само ни требале нови идеи - не се знае.
Важно, доживеавме:
- Астрологија - не дека немало и други декади каде што астрологијата царувала меѓу одредена група на луѓе, но, во последните години имаме стигнато до нешто што се вика „Зодијак шејминг”, што значи, малку не сме нормални.
- Каменување на Твитер - Собирањето народ на еден човек, со вили и факели својствено за некое друго време, во денешно време е преселено на Твитер. Ова особено важи за заедницата верна на книгите за млади која е во секој момент спремна да навали врз еден единствен човек што се осмелил да каже нешто против нивниот, каков и да е - бог. Не дека другите заедници на Твитер се помалку склони и способни за ова.
- Домашни ДНК тестови - интересно за обичен народ, супер-интересно за големи корпорации и самите компании кои имаат нејасна политика за приватност и ги продаваат твоите информации на трета страна. Од поедноставните проблеми - еден куп луѓе си најдоа 0.5 домороден Американец во резултатите, па гордо почнаа да се претставуваат како „person of color”.
- Грди чевли - овде се нагледавме ужаси. У-жа-си. Од патиките за косење на Гучи, до општиот вирус на грдо, до крокс во сите варијанти.
- Паметни домови - да си Фејсбук, Гугл и Амазон и да убедиш милиони луѓе ширум светот среќно да те примат дома да ги прислушкуваш. Уметност.
- Спортска елеганција - од попристојните трендови. Да можеш да изгледаш како секој момент да треба да влезеш во теретана, ама не мораш. Хеланки за стотици евра, дуксери што поминуваат и во диско… Такви работи.
- Чисти оброци - слично како една идеја во ’40-тите, овде требаше да исчистиме сè „нездраво” околу нас и да станеме „најдобра верзија на себеси”. Ова предизвика слепо следење диети, бивање жива досада во друштво и сето тоа за ништо, затоа што нема шанси во денешно време сè да исчистиш. Во новата година, дозволете си чаша вино и аман, купете еден чипс. Во ред е.
- Инста филтри - и тоа не само тие што ги навикнавме, ги утепавме од користење и почнавме да ги баталуваме, затоа што телефоните прават сè подобри селфиња. Како ќе изгледам на 90? Како ќе изгледав да бев маж/жена? И слични глупости.
- Вирален туризам - благодарение на Инстаграм, сега илјадници ги облетуваат едни те исти дестинации и се сликаат на истиот начин со нив, што често води и до негативни последици за тие локации. Да се потсетиме на Чернобил после „Чернобил”?
- Култови кон вежбање - Поточно, кон одредени режими на вежбање. Колку пати сте седеле недолжни и среќни во кафич и ви се натнал некој што „нема да ти се верува колку е јако ова”, а ти само сакаш да ја допушиш цигарата? Крос Фит, Соул Сајкл, Пелотон… (дополни, знам дека сакаш).
- Предизвици на социјални мрежи - вечно мазохистички, некои од помош (со кофата), некои - вечно сведоштво за човечката глупост (кога јадеа детергент), а некои тотално безкорисни како со капачето од шише.
Ете, такви сме.
Којзнае што носат наредните десет години.