- Аркин Јахији од Националната алијанса за интеграција, предводена од ДУИ, е победник во вториот круг од предвремените избори за градоначалник на Брвеница, потврди Државната изборна комисија.
- Разликата била само 265 гласа: Јахији освоил 4.442, а кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Стојанчо Радичевски, 4.177.
- ВМРО-ДПМНЕ го призна поразот и оцени дека е резултат на гласови од дијаспората.
- „Некогаш против бројките не се може. Успеаја да донесат бајаги луѓе од надвор коишто не живеат тука. Живеат надвор од татковината, меѓутоа, гласаа за кандидатот на ДУИ и јас би му честитал во оваа прилика“, оцени генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.
- „Сами против сите. Ние со изборна програма и концепт, тие со поддршката на демографијата, националната карта и по некој тројанец за одвлекување на гласови“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
- Ако демократите на изборите утре освојат мнозинство во Претставничкиот дом и Сенатот, претседателот Трамп има стратегија да блокира мерки и закони од Конгресот за да ја спроведува својата политичка агенда. „Претпоставувам дека ќе станам Господин Вето. А потоа, во одреден момент, веројатно ќе склучиме договори“, изјави неодамна Трамп.
- Заменик-шефот на кабинетот Стивен Милер и директорот за буџет Расел Воут уште од март анализираат што Трамп законски може да направи сам, каде би можел да ги помести границите на своите овластувања и како да ги брани тие одлуки на суд. Идентификувале извршни мерки за имиграцијата, царините и федералните трошоци кои Трамп би можел да ги преземе без одобрение од Конгресот.
- Во првата половина од својот втор мандат Трамп се повикуваше на национални вонредни состојби за да воведува царини, да ја намали администрацијата, па дури и му објави војна на Иран без да бара дозвола од Конгресот.
- Ако Конгресот ги укине вонредните состојби, Трамп би можел да стави вето, кое може да биде поништено само со двотретинско мнозинство во двата дома.
- Сепак, нема да може да го спречи Конгресот да отвора истраги против функционери од федералната администрација за злоупотреба на овластувањата или за судир на интереси.
- Милиони жители на Украина и на Русија синоќа во рок од само неколку часа биле растревожени од лажни пораки за нуклеарни напади.
- Околу 7 милиони Украинци што ја користат апликацијата Air Alert во 22.48 часот на своите телефони добиле тревога да се засолнат поради „зголемена радијација“, со конкретни упатства да се засолнат, да стават заштитни маски и да земат јод.
- Во рок од неколку минути пристигнале тревоги за хемиски напад и за улични борби и предупредување на руски јазик: „Не грижете се, ’Орешник‘ е над вас! Низ цела Украина е активирана нуклеарна тревога“.
- Украинските воздухопловни сили брзо ги известија граѓаните дека нема опасност од зрачење и предупредија дека апликацијата најверојатно е хакирана.
- Само неколку часа подоцна, слична лажна тревога имало и во Русија. Апликацијата за итни предупредувања почнала да испраќа известувања за нуклеарна опасност, со совет до граѓаните да се засолнат во скривници и да направат залихи. Одговорноста за кибернетскиот напад врз руската апликација ја презеде украинската група „Атеш“.
- Ова се првите потврдени хакерски напади врз националните системи за тревога. При реална закана, тревогата би им дала на граѓаните едвај десетина минути да се засолнат од нуклеарна експлозија.