- Министерството за транспорт и врски усвои измени на Правилникот за урбанистичко планирање со коишто им ги „врзува“ рацете на општините кои сакаат преку ревидирање на спорни детални урбанистички планови да ги намалат површините за градба и на тој начин да го запрат процесот на „бетонизација“ во Скопје.
- За „Треска“ се распиша конкурс, пристигнаа и трудови, но сега површината за градба треба да се преземе од важечкиот план, што значи дека во игра повторно се враќаат зградите коишто во јавноста станаа познати како „наполитанки“ поради бројноста и габаритот.
- И Асоцијацијата на архитекти на Македонија реагира на измените на Правилникот и наведува десетина точки во кои ќе настанат проблеми.
- Првпат по втората светска војна, владата на САД побара од автомобилските компании да произведуваат оружје, бидејќи војната против Иран и воената поддршка за Украина ги исцрпеа американските залихи.
- Дискусиите почнале уште пред војната во Иран, велат изворите на Волстрит џурнал. Пентагон ја претставил иницијативата како „прашање од национална безбедност“. Високи функционери веќе разговарале со директорите на Џенерал Моторс, Форд, Ошкош, ЏЕ Ероспејс и на други компании за пренамена на нивните погони и работници за производство на муниција, борбени транспортери и воена опрема.
- Неодамнешното барање на Пентагон за буџет од 1.500 милијарди долари опфаќа зголемување на инвестициите за производство на муниција и беспилотни летала.
- Администрацијата на Трамп побара помош од Џенерал Моторс и од Форд за време на пандемијата на ковид, кога тие произведоа десетици илјади медицински вентилатори.
- Фабриките во Детроит целосно го запреа производството на коли за време на Втората светска војна, кога своите погони ги пренаменија за бомбардери и за мотори за авиони и камиони.
- Уште пред да го добие мандатот за формирање влада, Петер Маѓар го повика унгарскиот претседател Тамаш Шуљок да поднесе оставка. На церемонијалното добивање на мандатот му се закани со притисок од Парламентот ако одбива самиот да замине.
- „Тамаш Шуљок е неспособен да го отелотвори единството на унгарската нација. Не е способен да биде чувар на владеењето на правото во Унгарија. Не е способен да биде морален стандард и пример за унгарскиот народ“, изјави Маѓар на прагот на претседателската палата.
- Лидерот на партијата Тиса оцени дека Унгарците на парламентарните избори во неделата не гласале за нов состав на Парламентот и за промена на владата, туку за „промена на режимот“.
- Маѓар се закани дека една од првите одлуки на неговата влада ќе биде привремено прекинување на вестите на државните радио и телевизиски станици.
- На забелешката дека замолкнувањето на државната телевизија е спротовно на законот, тој одговори: „Не ги исполнивте обврските од законот за медиуми... Кога ме обвинувате дека го кршам законот, тоа е како крадец во продавница да повикува полиција“.