Обединетите Арапски Емирати, еден од најголемите извозници на нафта во светот, објавија дека од 1 мај повеќе нема да бидат членки на картелите ОПЕК и ОПЕК+.
„Нешто големо се готви на Блискиот Исток. Освен од Иран, ОАЕ се незадоволни од неколку соседи и нивното членство во неколку организации“, забележува Хавиер Блас од Блумберг.
„Оваа одлука е во согласност со долгорочната стратешка и економска визија на ОАЕ и развојот на енергетскиот сектор... По напуштањето на ОПЕК, ОАЕ ќе продолжи со својата одговорна улога со постепено и внимателно зголемување на производството, во согласност со побарувачката и пазарните услови“, објави државната новинска агенција ВАМ.
Емиратите беа меѓу најголемите производители на нафта во ОПЕК. Произведува по 4 милиони барели на ден, со план да ги зголемат капацитетите на 5 милиони дневно од 2027 година.
„Заминувањето на ОАЕ ќе ја ослаби способноста на ОПЕК да ги брани ценовните минимуми, особено за време на економски кризи“, оцени Метју Коули, енергетски аналитичар во УБС.
Иако Брисел објави целосно откажување од руска енергија, увозот на течен природен гас (LNG) во Европската Унија во март достигна историски највисоко ниво од 2,46 милијарди кубни метри за еден месец. Увозот е за 38% повисок во споредба со истиот месец лани.
Во текот на првиот квартал од оваа година, ЕУ купила 97% од вкупното производство на LNG од комбинатот на арктичкиот сибирски остров Јамал.
Руското производство на течен гас во првиот квартал од годинава се зголемило на 6,2 милиони кубни метри (за 15,2% повеќе отколку во февруари), а извозот се зголемил на 4,6 милијарди. И двете бројки се рекордни.
Сето тоа наспроти забраната од ЕУ за склучување краткорочни договори за купување руски течен природен гас, која е на сила од 25 април. Долгорочните договори за набавка ќе бидат забранети од 1 јануари идната година.
Политиката оди контра пазарната логика. ЕУ се откажа од вториот најголем извор на гас во период кога ѝ е блокиран пристапот до LNG што го добива од Катар.