Бранот заминувања почна со години пред Лабуристичката партија да дојде на власт, но најголемата промена се случи по укинувањето на даночниот режим за лица без постојан престој во 2024 година – политика која беше најавена од Конзервативната партија неколку месеци пред да ја изгуби власта.
Новата лабуристичка влада ги зголеми од 20% на 24% стапките на данокот на капитална добивка. Британија беше привлечна за богаташи со „прекуморско потекло на капиталот“ - статус што им овозможуваше да плаќаат данок во Обединетото Кралство само на приходите заработени или внесени во земјата. Овој статус беше укинат во 2025 година. Според новите правила, глобалниот имот на долгорочните жители може да подлежи на данокот на наследство од 40%.
Немав никаква дилема. Го разгледав прашањето од секој аспект. Едноставно нема смисла да останам. Укинувањето на режимот за лица без постојан престој ќе ме чини милиони и милиони долари и фунти годишно за даноци на пари што всушност сум ги заработил во странство и на бизниси што сум ги изградил во странство, објаснува Басим Хајдар, бизнисмен во телекомуникацискиот сектор.
Лакшми Митал, милијардер во индустријата за челик роден во Индија, чие нето-богатство изнесува околу 40,8 милијарди долари, по три децении го напушти Обединетото Кралство и се пресели во Швајцарија, каде што сега доби статус на жител. Го следеа менаџерот на хеџ-фонд Алан Хауард, наследничката на компанијата Ipsen, Ен Бофур, и милијардерот од секторот за приватен капитал, Џереми Колер.
Бродоградителскиот магнат Џон Фредриксен, со богатство од 19,2 милијарди долари, и египетскиот милијардер Насеф Савирис (9,6 милијарди) добија статус на жители во Обединетите Арапски Емирати, каде што нема федерален данок на личен доход.
Во Монако, кнежевството со еден од најповолните даночни системи во светот, се преселија Ијан и Ричард Ливингстон, успешни британски инвеститори во недвижности, со богатство од 11,2 милијарди долари, како и Дејвид и Сајмон Рубен, кои имаат по 13,1 милијарда долари.
Додека најбогатите заминуваат, дел од богаташите што останаа во отворено писмо го повикаа премиерот Енди Барнам да им ги зголеми даноците. Група од 120 милијардери и милионери во јули ја почнаа кампањата „Горди што плаќаме“. Побараа данок од 2% на богатство над 10 милиони фунти со кој годишно би се собирале околу 24 милијарди фунти.