Доналд Трамп објави дека примирјето со Иран е завршено, по новата престрелка со ракети.
„Не сакам повеќе да се занимавам со нив, тие се ѓубре... Тие се болни луѓе, ги водат болни луѓе... Ако имаа нуклеарно оружје, ќе го употребеа, Според мене, тоа е завршено“, изјави Трамп на прашањето дали и по престрелката важи Меморандумот за разбирање помеѓу САД и Иран.
Тој додаде дека ќе им дозволи на Стив Виткоф и Џаред Кушнер да ги продолжат напорите да преговараат, но не очекува резултати.
„Не ми е гајле, може да разговараат. Но, мислам дека попусто си го губат времето. Тие (Иранците) се банда лажговци“, додаде Трамп.
Пред само неколку недели Трамп во Париз и иранскиот претседател Пезешкијан во Техеран го потпишаа Меморандумот за разбирање, кој ги обврза двете страни да ги запрат нападите и да овозможат слободен премин на бродови низ Ормускиот проток во период од 60 дена, додека се водат преговори за склучување траен мир. Трамп и порано му се закануваше на Иран со уништување, па веднаш потоа објавуваше напредок во преговорите.
Меѓународниот кривичен суд ја затвори долгогодишната истрага за злосторства извршени од американските сили во Авганистан по 2003 година.
Првичната истрага беше одобрена пред шест години, но долго време беше замрзната. Судскиот совет сега заклучи дека Обвинителството повеќе не е способно ефективно да спроведува истраги и да обезбедува докази, што дополнително се усложнува поради времето што изминало од извршувањето на наводните злосторства.
Ќе продолжи посебен случај „Ситуацијата во Авганистан II“, кој се фокусира на наводни злосторства на талибанците по август 2021 година, вклучително и прогон на жени и девојчиња. Меѓународниот кривичен суд веќе објави налози за апсење на високи талибански лидери.
САД не се членка на МКС и ја отфрлаат неговата надлежност врз американските државјани. Вашингтон воведе санкции против судии и обвинители откако Судот објави меѓународна потерница по израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху поврзана со злосторства во Газа.
Американскиот државен секретар Марко Рубио минатата недела го обвини Судот дека „го користи меѓународното право како инструмент на глобалните елити“.
Не сите веруваат дека отстранувањето на Хуанг Јенсен од Нвидиа се сведува на крими-трилер приказна каква што ѝ се нуди на јавноста, приказна за убава, згодна и вешта кинеска шпионка инфилтрирана како љубовница на кралот на чиповите.
Еден од таквите е Дејвид Сакс - поранешниот цар за вештачка интелигенција на Трамп, кој сега е копретседател на Советот на советници на претседателот за наука и технологија.
Во подкаст со уште неколку ИТ познавачи, се потсетува дека Јенсен беше еден од најголемите корпоративни опен сорс поддржувачи што беше голема главоболка на еден влијателен блок луѓе кои сакаа моделите и чиповите да се под построга контрола.
Шпионската приказна била само средство да се исполни главната цел.