По неколкунеделно затишје, американските сили ракетираа повеќе од 80 цели во Иран, на што Иранците одговорија со напади врз американски бази во Кувајт и во Бахреин.
Централната команда на САД објави дека ракетите биле одговор на иранските напади врз три комерцијални бродови во Ормускиот проток. Биле погодени ирански противвоздушни центри, крајбрежни радари, антибродски системи и над 60 брзи чамци на Револуционерната гарда.
САД претходно објавија дека повторно воведуваат блокада за ирански бродови и дека ја укинуваат привремената лиценца за извоз на иранска нафта.
Иран ги обвини САД за прекршување на примирјето и возврати со ракетни напади врз Кувајт, каде што има бази со американски трупи, и Бахреин, каде што е Командата на Петтата флота на САД. „Ерата на провокации и уцени заврши. Нема да потклекнеме“, изјави спикерот на парламентот, Мохамед Багер Галибаф.
Престрелката потврдува дека САД и Иран се поблизу до војна отколку до преговори за конечен мировен договор. Иран инсистира на правото на целосна контрола на сообраќајот низ Ормускиот проток, а Америка настојува да обезбеди слободен премин на бродови. Временската рамка од 60 дена за преговори за конечен договор завршува во август, а двете страни практично не ги ни почнале преговорите.
Меѓународниот кривичен суд ја затвори долгогодишната истрага за злосторства извршени од американските сили во Авганистан по 2003 година.
Првичната истрага беше одобрена пред шест години, но долго време беше замрзната. Судскиот совет сега заклучи дека Обвинителството повеќе не е способно ефективно да спроведува истраги и да обезбедува докази, што дополнително се усложнува поради времето што изминало од извршувањето на наводните злосторства.
Ќе продолжи посебен случај „Ситуацијата во Авганистан II“, кој се фокусира на наводни злосторства на талибанците по август 2021 година, вклучително и прогон на жени и девојчиња. Меѓународниот кривичен суд веќе објави налози за апсење на високи талибански лидери.
САД не се членка на МКС и ја отфрлаат неговата надлежност врз американските државјани. Вашингтон воведе санкции против судии и обвинители откако Судот објави меѓународна потерница по израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху поврзана со злосторства во Газа.
Американскиот државен секретар Марко Рубио минатата недела го обвини Судот дека „го користи меѓународното право како инструмент на глобалните елити“.
Не сите веруваат дека отстранувањето на Хуанг Јенсен од Нвидиа се сведува на крими-трилер приказна каква што ѝ се нуди на јавноста, приказна за убава, згодна и вешта кинеска шпионка инфилтрирана како љубовница на кралот на чиповите.
Еден од таквите е Дејвид Сакс - поранешниот цар за вештачка интелигенција на Трамп, кој сега е копретседател на Советот на советници на претседателот за наука и технологија.
Во подкаст со уште неколку ИТ познавачи, се потсетува дека Јенсен беше еден од најголемите корпоративни опен сорс поддржувачи што беше голема главоболка на еден влијателен блок луѓе кои сакаа моделите и чиповите да се под построга контрола.
Шпионската приказна била само средство да се исполни главната цел.