Белата куќа работи на план да казни некои партнери од Алијансата за кои претседателот Трамп смета дека не им помогнале на САД и Израел за време на војната со Иран.
Планот е во рана фаза, но според Волстрит журнал, казната би била повлекување на американските трупи од овие земји. САД имаат стационирани околу 84.000 војници низ Европа и базите обезбедуваат економска поддршка за земјите-домаќини преку инвестиции.
„НАТО не беше таму кога ни требаа и нема да бидат таму ако повторно ни требаат“, порача синоќа Трамп на TruthSocial. Тој притоа го спомна Гренланд, кој сака да го присвои од Данска заради стратегиска безбедност на САД: „Се сеќавате на Гренланд, тоа големо, лошо управувано парче мраз?“.
Прва на удар е Шпанија - единствената земја на НАТО што не прифати да троши 5% од својот БДП за одбрана и забрани американски авиони вклучени во операцијата во Иран да го користат нејзиниот воздушен простор. Италија накратко им го блокираше на САД користењето на воздухопловната база на Сицилија, а Париз им дозволи на Американците да користат база во јужниот дел на Франција само за авиони што не се вклучени во војната против Иран.
За главни поддржувачи, САД ги сметаат Полска, Романија, Литванија и Грција.
На средбата зад затворени врати со генералниот секретар Марк Руте, Трамп отстапил од заканата за повлекување на САД од НАТО. За такво нешто потребна е одлука од Конгресот.
Меѓународниот кривичен суд ја затвори долгогодишната истрага за злосторства извршени од американските сили во Авганистан по 2003 година.
Првичната истрага беше одобрена пред шест години, но долго време беше замрзната. Судскиот совет сега заклучи дека Обвинителството повеќе не е способно ефективно да спроведува истраги и да обезбедува докази, што дополнително се усложнува поради времето што изминало од извршувањето на наводните злосторства.
Ќе продолжи посебен случај „Ситуацијата во Авганистан II“, кој се фокусира на наводни злосторства на талибанците по август 2021 година, вклучително и прогон на жени и девојчиња. Меѓународниот кривичен суд веќе објави налози за апсење на високи талибански лидери.
САД не се членка на МКС и ја отфрлаат неговата надлежност врз американските државјани. Вашингтон воведе санкции против судии и обвинители откако Судот објави меѓународна потерница по израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху поврзана со злосторства во Газа.
Американскиот државен секретар Марко Рубио минатата недела го обвини Судот дека „го користи меѓународното право како инструмент на глобалните елити“.
Не сите веруваат дека отстранувањето на Хуанг Јенсен од Нвидиа се сведува на крими-трилер приказна каква што ѝ се нуди на јавноста, приказна за убава, згодна и вешта кинеска шпионка инфилтрирана како љубовница на кралот на чиповите.
Еден од таквите е Дејвид Сакс - поранешниот цар за вештачка интелигенција на Трамп, кој сега е копретседател на Советот на советници на претседателот за наука и технологија.
Во подкаст со уште неколку ИТ познавачи, се потсетува дека Јенсен беше еден од најголемите корпоративни опен сорс поддржувачи што беше голема главоболка на еден влијателен блок луѓе кои сакаа моделите и чиповите да се под построга контрола.
Шпионската приказна била само средство да се исполни главната цел.