- Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп по забрзана постапка одобри испорака на оружје вредно 8,6 милијарди долари за Израел, Катар, Обединетите Арапски Емирати и Кувајт.
- Заобиколувањето на вообичаената процедура во Конгресот, државниот секретар Марко Рубио го објасни со постоење „вонредна состојба.“
- Пакетот вклучува системи за противвоздушна одбрана, ракети со ласерско наведување и проектили за системот „Патриот“.
- Иако Трамп со недели тврди дека Иран практично веќе нема армија, Израел и американските сојузнички држави во Заливот и натаму се под напади од ирански ракети и дронови.
- Герман Греф, директорот на најголемата руска банка Сбербанк, повика војната во Украина да запре „што е можно побрзо“.
- Тој е еден од ретките високи раководители лојални на Кремљ што се спротивставил на војната, која во изминатите месеци почна сериозно да ги оптоварува економијата и финансискиот систем на Русија.
- „Мислам дека сите сме загрижени за истото. Нема ниту еден човек во земјата кој е загрижен за нешто друго освен за брзо завршување на воената акција. Тоа е очигледно“, рекол Греф на состанок со акционерите.
- Сбербанк е најголемата банка во Русија, контролира огромен дел од штедните влогови и корпоративните кредити во земјата. Со оглед на тоа што е во мнозинска сопственост на руската влада, таа претставува столб на банкарскиот систем на земјата.
- Новата унгарска влада го укина статусот на бегалец на поранешниот полски министер за правда Збигњев Зјобро и на неговиот заменик, кои избегаа во Будимпешта откако во својата земја беа обвинети за за злоупотреба на службената должност.
- Поранешниот премиер Виктор Орбан им додели азил на Зјобро, неговата сопруга и на заменикот Марчин Романовски, кој исто така е соочен со обвинение.
- Зјобро и Романовски се соочуваат со обвиненија за злоупотреба на пари од фонд за помош на жртвите на криминал. Тие ги отфрлаат обвиненијата и тврдат дека се жртви на политички „лов на вештерки“ бидејќи истражувале злоупотреби од страна на луѓе блиски до сегашниот полски премиер Доналд Туск.
- Двајцата веројатно повеќе не се во Унгарија. На 9 мај - денот кога новиот унгарски премиер Петер Маѓар положи заклетва – Зјобро бил забележан на аеродром во САД, а не е познато каде се наоѓа Романовски.