- Некои ги сакаат Мартиноски и Личеноски и Кондовски, за мене најголемиот беше Пенушлиски, таа магија никој не може да ја подари на овој свет, на оваа изгубена држава, која има сѐ, а сè прави за да нема ништо. Колку веста за заминувањето на Пенушлиски е болно за оваа држава, толку беше незамисливо и тивкото збогум на неговата и нашата Илинка Митрева.
- Булдожери за Македонија. Нашите чувари на државата, на оваа куќа која кој стига ја расклатува, ја понижува и потпалува, особено баш заради тоа, моравме да ги имаме Илинка и Илчо, застанати на ветрометина, со свои раце ја држеа, кога ја напаѓаа од сите страни. Не знаеме да цениме такви луѓе, да ги чуваме и штитиме. Затоа и имаме ваква држава.
- „Немаше никаква приврзаност кон нештата – само кон идеите, креацијата и луѓето. Беше исклучителен уметник, познат на многумина, но рамнодушен кон тоа да биде познат. Неговите идоли беа уметници, каубои, пијаници и Хозе Мухика“, напиша неговиот син Илија Митрев Пенушлиски.
- Државата и општините со години ги убедуваа граѓаните да ги заменат старите печки со печки на пелети за да го намалиме загадувањето. За тоа се трошеа јавни пари.
- Денес, пред почетокот на грејната сезона, вреќа од 15 килограми стигнува до 399 денари, цените често не се ни јавно објавени, а граѓаните масовно ги продаваат печките во кои некогаш беа поттикнати да инвестираат.
- Каде пропадна добрата идеја? Државата ја субвенционираше печката. Горивото го заборави. Не е доволно да му помогнеш на граѓанинот да ја купи печката, а потоа да му кажеш дека горивото е работа на пазарот.
- Предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп за преименување на вештачката интелигенција (AI) во супер интелигенција (SI) повлече рекордно зголемување на регистрациите на словенечки интернет домени (.si).
- Националниот регистар на Словенија објави дека во септември имало огромна побарувачка за .si домени: биле регистрирани 44.000 .si адреси, а само месец претходно имало помалку од 2.000.
- Тоа е зголемување од речиси 2.200 проценти.
- Праксата за шпекулативно купување домени се вика "cyber-squatting" и целта е тој подоцна да се продаде по висока цена. Рик Шворц во 1997 го купи men.com за 15.000 долари. Седум години подоцна го продаде за 1,32 милиони долари.
- Толку е веста. Легни.си.