САД и Иран преку регионални посредници разговараат за 45-дневен прекин на огнот, за да се овозможат преговори за траен крај на војната. Преговорите ги водат претставникот Стив Виткоф и шефот на иранската дипломатија Абас Арагчи преку пакистански, египетски и турски посредници.
Извори на Аксиос, запознаени со разговорите, велат дека се мали шансите за постигнување договор, но и дека ова е единствената шанса да се спречи драматична ескалација на војната со масовни напади врз иранската цивилна инфраструктура и одмазда врз енергетските капацитети и постројките за вода во земјите од Персискиот Залив.
Трамп постави ултиматум до вторник до 20 часот да биде деблокиран Ормускиот проток. Ако не, САД ќе ја уништат иранската енергетска инфраструктура и мостовите. „Постои голема шанса, но ако не постигнат договор, ќе разнесам сè таму“, изјави Трамп за Аксиос.
На заканата од Трамп за „пеколни напади“, Иранската револуционерна гарда возврати дека ситуацијата во Ормускиот теснец никогаш повеќе нема да биде како пред војната, особено за САД и Израел.
Меѓународниот кривичен суд ја затвори долгогодишната истрага за злосторства извршени од американските сили во Авганистан по 2003 година.
Првичната истрага беше одобрена пред шест години, но долго време беше замрзната. Судскиот совет сега заклучи дека Обвинителството повеќе не е способно ефективно да спроведува истраги и да обезбедува докази, што дополнително се усложнува поради времето што изминало од извршувањето на наводните злосторства.
Ќе продолжи посебен случај „Ситуацијата во Авганистан II“, кој се фокусира на наводни злосторства на талибанците по август 2021 година, вклучително и прогон на жени и девојчиња. Меѓународниот кривичен суд веќе објави налози за апсење на високи талибански лидери.
САД не се членка на МКС и ја отфрлаат неговата надлежност врз американските државјани. Вашингтон воведе санкции против судии и обвинители откако Судот објави меѓународна потерница по израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху поврзана со злосторства во Газа.
Американскиот државен секретар Марко Рубио минатата недела го обвини Судот дека „го користи меѓународното право како инструмент на глобалните елити“.
Не сите веруваат дека отстранувањето на Хуанг Јенсен од Нвидиа се сведува на крими-трилер приказна каква што ѝ се нуди на јавноста, приказна за убава, згодна и вешта кинеска шпионка инфилтрирана како љубовница на кралот на чиповите.
Еден од таквите е Дејвид Сакс - поранешниот цар за вештачка интелигенција на Трамп, кој сега е копретседател на Советот на советници на претседателот за наука и технологија.
Во подкаст со уште неколку ИТ познавачи, се потсетува дека Јенсен беше еден од најголемите корпоративни опен сорс поддржувачи што беше голема главоболка на еден влијателен блок луѓе кои сакаа моделите и чиповите да се под построга контрола.
Шпионската приказна била само средство да се исполни главната цел.