- ВМРО-ДПМНЕ отпочнува постапка за задолжителен референдум со цел укинување на договорот со Бугарија кој партијата го оценува како корен на сите негации.
- Прашањето би било: „Дали сте за напуштање на важноста на Законот за ратификација на договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија, објавен во Службен весник бр: 12/2018 од 18.01.2018 година?“
- СДСМ смета дека референдумот нема да успее.
- Американскиот претседател Доналд Трамп побара од Иранците да продолжат со протестите и да ги преземат институциите, ветувајќи им помош.
- „Ирански патриоти, продолжете да протестирате. Преземете ги вашите институции. Зачувајте ги имињата на убијците и насилниците. Тие ќе платат висока цена. Ги откажав сите состаноци со ирански претставници сè додека не престане бесмисленото убивање на демонстрантите. Помошта е на пат. МИГА!“, објави Трамп на својот профил.
- Претставничката на Белата куќа Каролин Ливит вчера изјави дека претседателот „не се плаши да ја употреби смртоносната сила и моќ на американската армија ако оцени дека е потребно“.
- „Дипломатијата секогаш е првата опција за претседателот. Воздушните удари се една од многуте опции што се на располагање на врховниот командант“, изјави Ливит.
- Иранскиот министер за надворешни работи вчера изјави дека е во контакт со американскиот специјален претставник Стив Виткоф и дека останува отворен каналот за комуникации помеѓу Техеран и Вашингтон. Новата порака на Трамп го затвори овој канал.
- Близу 2.000 луѓе, и демонстранти и припадници на силите за безбедност, досега загинале во масовните протести низ Иран, изјавил за Ројтерс анонимен функционер од Техеран. Тој не прецизирал по колку жртви има од секоја страна.
- Од Техеран досега немало ниту едно официјално соопштение за бројот на загинати, а нема ни прецизни независни извештаи поради речиси целосната блокада на интернетот.
- „Владата ги смета и безбедносните сили и демонстрантите за свои деца. Во рамките на нашите можности, се обидовме и ќе се обидеме да ги слушнеме нивните гласови, дури и ако некои се обидоа да ги злоупотребат протестите“, изјави портпаролката на владата Фатемех Мохаџерани.
- Изворот на Ројтерс ги нарекол демонстрантите „терористи“, што сведочи за двоен пристап на властите кон протестите. Претседателот Масуд Пезешкијан вчера изјави дека „владата ја слушнала загриженоста на дуќанџиите“ и дека „вложува максимални напори да ги реши нивните економски проблеми“.
- Пезешкијан ја префрли одговорноста за нередите врз терористи уфрлени од САД и Израел, во обид да го дестабилизираат Иран. „Тие обучија некои луѓе во земјата и потплатија терористи однадвор“, изјави претседателот.