- Полска најави дека официјално ќе поднесе барање за воени репарации од Русија, за злосторства извршени од Црвената армија во Втората светска војна и во периодот на советските интервенции во Студената војна. Премиерот Доналд Туск наредил формирање тим историчари за да ги проценат штетите.
- Варшава веќе побара од Германија да ѝ плати 1.300 милијарди поради злосторствата извршени од нацистичките сили за време на Втората светска војна. Канцеларот Фридрих Мерц одговори дека од перспектива на Берлин, прашањето за репарации одамна е правно и политички затворено.
- Бартош Гондек, директор на институтот задолжен од Туск, изјави дека истрагата за Русија е пообемна, со оглед на тоа што Полска поминала четири децении под советско влијание.
- Коментирајќи ја заканата од Полска, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова изјави: „Како репарација, можеме да обезбедиме линк до видеото од операта Иван Сусанин“.
- Државата и општините со години ги убедуваа граѓаните да ги заменат старите печки со печки на пелети за да го намалиме загадувањето. За тоа се трошеа јавни пари.
- Денес, пред почетокот на грејната сезона, вреќа од 15 килограми стигнува до 399 денари, цените често не се ни јавно објавени, а граѓаните масовно ги продаваат печките во кои некогаш беа поттикнати да инвестираат.
- Каде пропадна добрата идеја? Државата ја субвенционираше печката. Горивото го заборави. Не е доволно да му помогнеш на граѓанинот да ја купи печката, а потоа да му кажеш дека горивото е работа на пазарот.
- Предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп за преименување на вештачката интелигенција (AI) во супер интелигенција (SI) повлече рекордно зголемување на регистрациите на словенечки интернет домени (.si).
- Националниот регистар на Словенија објави дека во септември имало огромна побарувачка за .si домени: биле регистрирани 44.000 .si адреси, а само месец претходно имало помалку од 2.000.
- Тоа е зголемување од речиси 2.200 проценти.
- Праксата за шпекулативно купување домени се вика "cyber-squatting" и целта е тој подоцна да се продаде по висока цена. Рик Шворц во 1997 го купи men.com за 15.000 долари. Седум години подоцна го продаде за 1,32 милиони долари.
- Толку е веста. Легни.си.