Кочанското обвинителство отвори истрага за вкупно 34 лица, од кои седуммина се полицајци, а три се правни лица. Осомничени се дека во периодот од 2012 година, кога првпат почнала да функционира „дискотеката на смртта“, со верижни пропусти и незаконити дејствија воопшто не постапиле според прописите за заштита и се одговорни за пожарот во кој изгореа 59 лица, меѓу кои и шест малолетни, а со тешки повреди се уште 197 лица од кои 25 деца.
На денот на трагедијата, сопственикот, потоа продавачот на влезници и обезбедувањето, според Обвинителството, овозможиле во дискотеката таа вечер да влезат околу 650 посетители, помеѓу кои имало најмалку 31 дете.
Еден од осомничените продавал билети без да води сметка за бројот и возраста на гостите што смеат да присуствуваат, спротивно на Законот за угостителска дејност, овозможувајќи влез и присуство и на малолетни лица на настанот. Тие не спречиле во дискотеката да се внесат пиротехнички фонтани што беа употребени на настапот, иако немале задолжителна дозвола издадена од надлежни органи за да ракуваат со пиротехнички средства, ниту просторните услови дозволувале употреба на такви пиротехнички средства – соопшти Љупчо Коцевски.
Осомничени се и двајца поранешни директори на Државниот пазарен инспекторат и тројца инспектори затоа што ниту еднаш од 2020 до трагедијата не влегле и не извршиле контрола на нелегалната дискотека за да утврдат дали има важечка лиценца и дали ги исполнува пријавените минимално-технички услови.
Концентрацијата на богатството кај мала група луѓе во 27 земји од светот го надминала нивото во кое 0,1% од возрасната популација поседуваат повеќе од најсиромашните 80% од жителите.
Јазот е најдлабок во Русија, а најмалку е изразен во Словачка.
Македонија според оваа класификација е меѓу земјите со порамномерна распределба на богатството.
Јужна Африка нуди впечатлив пример за тоа колку можат да бидат трајни овие разлики. Студија што го опфаќа периодот од 1993 до 2017 година покажа дека немало трајно намалување на нееднаквоста во богатството по крајот на апартхејдот.
Разговорите на администрацијата на Трамп со Русија за крај на војната во Украина се проширија со нафтен договор вреден повеќе милијарди долари, од кој би профитирале деловни луѓе од Блискиот Исток поврзани со двајцата главни американски преговарачи, Стив Виткоф и Џаред Кушнер.
Договорот се однесува на голем број нафтени полиња, рафинерии и бензински пумпи ширум светот во сопственост на „Лукоил“, една од најголемите руски енергетски компании.
Откако администрацијата на Трамп лани воведе санкции против „Лукоил“, компанијата реши да го продаде својот имот во странство. Министерството за финансии на САД дисквалификува неколку потенцијални купувачи на „Лукоил“.
Сега е договорено имотот да биде продаден на група во која учествува инвеститорот Тод Боли, кој донирал 2 милиони долари за политичките цели на претседателот Трамп, на две групи од Блискиот Исток кои соработувале со Кушнер или Виткоф, како и еден огранок на американската влада.
На средбата со Виткоф и Кушнер во Кремљ на 5 септември, Путин предложил договорот да се реализира „како начин да им се покаже на Русите дека можат да соработуваат со САД“. Виткоф и Кушнер имале директна улога во преговарањето за финансиските услови, за да се обезбеди „значителна авансна исплата и удел за САД во добивката“, пишува Њујорк тајмс.