- Премиерот Роберт Голоб прогласи победа на неговата партија Слобода на парламентарните избори во Словенија, но актуелната владина коалиција го изгуби мнозинството.
- Според преброени 99,85% од гласовите, Слобода освоила само 7.749 гласа повеќе од СДС на Јанез Јанша, но и едно пратеничко место повеќе – 29 наспроти 28.
- Во Националното собрание влегоа и коалицијата НСи-СЛС-Фокус, со 9 пратенички мандати, СД и Демократите со по 6 места, а по пет ќе имаат блокот Левица-Весна и партијата Ресни.ца.
- Ниту партијата на Голоб ниту СДС на Јанша со своите традиционални сојузници не можат да соберат мнозинство од 46 пратеници, поради што се очекуваат тешки коалициски преговори.
- Кампањата помина во сенка на обвинувања за корупција проширени на социјалните мрежи преку протечени аудио-снимки, и контраобвинувања за надворешно мешање од израелската приватна разузнавачка компанија Блек кјуб, чии претставници се сретнале со Јанша.
- Претседателот на САД, Доналд Трамп, ја номинираше Кристи Мекормик од Калифорнија за нова американска амбасадорка во Македонија, на местото на Анџела Агелер, која ја извршуваше функцијата до јануари годинава.
- Номинацијата вчера официјално била доставена до Сенатот, кој треба да ја одобри со гласање од Комитетот за надворешни работи.
- Мекормик не е дипломат од кариера, но работела како виш правен советник во амбасадата на САД во Багдад.
- Од 2014 до 2026 година била комесарка и претседателка на независната федерална Комисија за изборна помош на САД, а претходно извршувала правосудни и државни функции во сојузната држава Вирџинија.
- Најмалку 12 луѓе загинаа и десетици се повредени во верижни сообраќајни несреќи на автопатот „Тракија“ во Бугарија.
- Во услови на исклучително густа магла во 7 часот наутро, близу клучката „Зимница“ имало два верижни судари – едниот во правец кон Бургас, а другиот во спротивната насока кон Софија.
- Се судриле повеќе од 86 автомобили, камиони и автобуси. Некои се запалиле.
- Десет лица загинале на место, а уште две починале при транспорт до болница.
- Најмалку 48 повредени луѓе биле префрлени во болниците во Јамбол и Сливен, некои во тешка состојба, изјави министерката за здравство Катја Ивкова.
- Во операцијата за извлекување патници од возилата и укажување итна помош се ангажирани и припадници на воените сили, со хеликоптери и транспортни авиони.