- Италијанската премиерка Џорџа Мелони е обвинета за „соучество во геноцид“, во тужба од активисти доставена до Меѓународниот кривичен суд во Хаг.
- Близу 50 професори, адвокати и јавни личности тврдат дека Мелони и двајца министри од нејзината влада се соучесници на геноцидот во Газа, поради продажба на италијанско оружје на израелските сили. Тужбата била поднесена на 1 октомври.
- „Не верувам дека постои друг ваков случај во светот или во историјата. Секој што ја познава ситуацијата е свесен дека Италија не одобрила нови испораки на оружје за Израел по 7 октомври 2023“, реагираше Мелони.
- Нејзината влада неодамна се дистанцираше од „несразмерната офанзива“ на израелските сили во Газа, но не прекина трговски или дипломатски врски со Израел ниту ја призна државата Палестина.
- Меѓународниот кривичен суд објави потерници по израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото, поврзани со случаи на убиства, прогон и масовно изгладнување во Газа. Ни Нетанјаху ни Галанд не се официјално обвинети за геноцид. Судот во Хаг објави потерници и по лидерите на Хамас, но сите на списокот веќе се ликвидирани од Израел.
- Британија и Франција постепено ќе го укинат договорот за размена на мигранти според принципот „еден внатре – еден надвор“, бидејќи биле депортирани премалку лица.
- Од склучувањето на договорот во август 2025 година па заклучно со 1 октомври годинава, во Франција биле вратени повеќе од 1.500 нелегални мигранти, а во спротивна насока биле префрлени нешто помалку од 1.500 легитимни баратели на азил во Британија.
- Проценетите трошоци за шемата изнесуваат 56.000 фунти по вратен мигрант, што достигнува вкупна сума од околу 84 милиони фунти.
- За споредба, во истиот период повеќе од 40.000 нелегални мигранти пристигнале во Обединетото Кралство со мали чамци.
- Лондон бил подготвен да го продолжи договорот, но Париз одбил, со образложение дека сака шема за враќање на ниво на целата Европска Унија.
- Изминатиот септември беше првиот по 32 години во кој немало ниту еден ураган во Атлантикот. Ова се случило само три пати досега – во 1994, во 1972 и во 1962 година.
- Просекот е 7 урагани во сезона, од кои 2 до 3 се во септември.
- Аномалијата се смета за последица на пацифичкиот климатски феномен Ел Нињо, за кој се предвидува дека годинава ќе биде најсилен досега.
- Оваа година може да биде првата без ниту еден ураган во Атлантикот откако во 1950 година почна да се води прецизна евиденција. Во просек во октомври се формира по еден ураган годишно, а повремено може да има и во ноември.
- Најмалку, само по два, имало во 1982 и 2013 година.