- Кубанска крајбрежна патрола спречила десант на група Кубанци од егзил, кои со глисер полн со оружје и експлозив впловиле во водите на островската земја. Во престрелката една милја од брегот биле убиени четворица од напаѓачите, а шестмина биле ранети. Приведен е мажот што требало да ги пречека.
- Министерството за внатрешни работи соопшти дека групата била составена од антивладини Кубанци, од кои некои претходно биле барани поради планирање напади. Тие носеле автоматски пушки со телескопски нишани, пиштоли, експлозиви и панцири. Глисерот бил регистриран во Флорида. По првичните сослушувања на притворените, тие имале намера да извршат „инфилтрација заради терористички цели“.
- Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека инцидентот не е операција на американските сили и дека Вашингтон ќе спроведе независна истрага.
- САД пред неколку недели ги блокираа сите испораки на нафта до Куба, зголемувајќи го притисокот врз владата во Хавана, но и врз сите Кубанци. Градовите секојдневно спроведуваат рестрикции на струја, а ѓубрето се таложи по улици зашто нема бензин за камионите од комуналната хигиена.
- Државата и општините со години ги убедуваа граѓаните да ги заменат старите печки со печки на пелети за да го намалиме загадувањето. За тоа се трошеа јавни пари.
- Денес, пред почетокот на грејната сезона, вреќа од 15 килограми стигнува до 399 денари, цените често не се ни јавно објавени, а граѓаните масовно ги продаваат печките во кои некогаш беа поттикнати да инвестираат.
- Каде пропадна добрата идеја? Државата ја субвенционираше печката. Горивото го заборави. Не е доволно да му помогнеш на граѓанинот да ја купи печката, а потоа да му кажеш дека горивото е работа на пазарот.
- Предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп за преименување на вештачката интелигенција (AI) во супер интелигенција (SI) повлече рекордно зголемување на регистрациите на словенечки интернет домени (.si).
- Националниот регистар на Словенија објави дека во септември имало огромна побарувачка за .si домени: биле регистрирани 44.000 .si адреси, а само месец претходно имало помалку од 2.000.
- Тоа е зголемување од речиси 2.200 проценти.
- Праксата за шпекулативно купување домени се вика "cyber-squatting" и целта е тој подоцна да се продаде по висока цена. Рик Шворц во 1997 го купи men.com за 15.000 долари. Седум години подоцна го продаде за 1,32 милиони долари.
- Толку е веста. Легни.си.