Вести › Набрзинка
Почна судењето за Кочани
-
Започна судскиот процес за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кој однесе 63 животи и повреди над 200 лица. Судењето се одржува во големата дигитализирана судница во КПУ „Идризово“ во Скопје.
-
Судијката Диана Груевска-Илиевска, која претседава со судечкиот совет, порача дека процесот ќе биде транспарентен и професионален:„Ќе дојдеме до правдата. Ќе имаме респект кон тагата и болката на роднините на жртвите, но апелирам на трпение и дисциплина“, изјави таа.
-
За трагедијата се обвинети 38 лица – 35 физички и три правни лица. Меѓу нив има поранешни министри, екс-градоначалници, инспектори и сопственици на фирми. Првообвинет е сопственикот на „Пулс“, Дејан Јовановски, кој заедно со неговиот брат е во притвор. Сите се товарат за „тешки дела против општата сигурност“, а едно лице за примање мито.
САД и Русија работат на план за трајна безбедност во Европа
- Специјалните претставници на претседателите Доналд Трамп и Владимир Путин тајно работат на нов план за крај на војната во Украина и за поширока безбедност во Европа.
- Планот содржи 28 точки, поделени во четири категории: мир во Украина, безбедносни гаранции, безбедност во Европа и идни односи на САД со Русија и Украина.
- Американскиот специјален претставник Стив Виткоф и рускиот Кирил Дмитриев при крајот на октомври три дена разговарале во Мајами на усогласување на одредбите. Виткоф потоа, исто така во Мајами, разговарал за планот и со Рустем Умеров, советник за национална безбедност на украинскиот претседател Зеленски.
- Дмитриев изјавил за „Аксиос“ дека основата на новиот план биле принципите со кои се согласиле претседателите Доналд Трамп и Владимир Путин на самитот во Алјаска во август – да завршат борбите во Украина, да се обноват врските на САД и Русија и да се решат безбедносните загрижености на Москва. Кога ќе биде усогласен во писмен документ, планот ќе биде основа за нов самит на Трамп и Путин.
- „Всушност, станува збор за многу поширока рамка, како навистина конечно да донесеме трајна безбедност во Европа, не само во Украина“, изјави Дмитриев.