Претседавачот на Централниот одбор на СДСМ, Герасим Лазов, тврди дека Орбан има „пуштено пипци“ низ цела Македонија преку сопственост и контрола на медиуми.
30 до 40 проценти од македонските медиуми да ти биле под директна контрола на Орбан.
Лазов смета дека ваквата „хибридна“ контрола врз 40% од медиумскиот простор е главниот извор на политичките тензии во земјата.
Овде има листа од 116 професионални медиуми во Македонија. 40 проценти од 116 е 46. Би било фино да ни заокружат барем 40 медиуми кои се под директна контрола на Орбан.
Кристијан Шмит објави дека „поради лични причини“ ја напушта позицијата Висок претставник на меѓународната заедница за Босна и Херцеговина, на која помина речиси пет години. Ќе остане да ја извршува функцијата додека не биде назначен негов наследник.
Милорад Додик, долгогодишниот лидер на босанските Срби, оцени дека целиот мандат на Шмит бил нелегален, а неговите одлуки биле „сомнителни“. Додик најави и можни судски постапки за да се утврди материјалната штета што ѝ била нанесена на Република Српска во времето на мандатот на Шмит.
„Кристијан Шмит ја напушта БиХ онака како што дојде – без легитимитет, без одлука на Советот за безбедност на Обединетите нации и спротивно на меѓународно право“, оцени Додик.
Карл Билд - првиот висок претставник во БиХ, вели дека по 30 години Канцеларијата ја надживеала својата цел и дека треба да се укине: „Високиот претставник, кој отсекогаш беше напаѓан од Русија, сега е соборен од САД. ЕУ беше слаба и нефокусирана во својот пристап“.