- На американскиот претседател Доналд Трамп лани му избега нобеловата награда за мир, но барем го доби златниот медал. Лично му го подари добитничката, венецуелската опозиционерка Марија Корина Мачадо, како „признание за неговата единствена посветеност кон нашата слобода“.
- Трамп лани упорно и агресивно лобираше да ја добие Нобеловата награда, која досега им беше доделена на неколкумина американски претседатели, вклучувајќи го и Барак Обама. Најави дека ќе го задржи врамениот медал што го доби на подарок. „Марија ми ја додели Нобеловата награда за мир за работата што ја направив. Прекрасен гест на меѓусебно почитување“, порача Трамп.
- Нобеловиот комитет во Осло нема ништо против подарокот и објасни: „Медалот може да ги промени сопствениците, но титулата лауреат не може“.
- И покрај љубезните гестови и комплименти, Трамп не верува дека Мачадо има доволно голема поддршка во Венецуела за да биде инсталирана на власт, на местото на претседателот Николас Мадуро, кого САД неодамна го грабнаа од палатата во Каракас. Наместо Мачадо, Трамп ја поддржува поранешната потпретседателка Делси Родригез, која по положувањето заклетва на 5 јануари покажа волја за соработка со САД и е во „постојана комуникација“ со државниот секретар Марко Рубио.
- „Не е променет ставот на претседателот за способноста на Мачадо да ја води земјата... Неговата проценка е заснована на реалноста на теренот“, изјави портпаролката на Белата куќа, Керолин Ливит.
- Шансите за американски воен удар врз Иран се намалија откако претседателот Трамп изјави дека ирански „многу важни извори“ го убедиле дека нема да бидат егзекутирани демонстранти по кратка постапка.
- „Тие рекоа дека убиствата престанале. Денес требаше да има многу егзекуции и тие нема да се случат - и ние ќе дознаеме“, рече Трамп.
- Група за човекови права објави дека во средата требало да биде погубен 26-годишниот Ерфан Солтани, уапсен за време на протестите пред една недела. Нема информации дека казната е извршена.
- Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи изјави дека „нема да има бесења денес или утре“. Тој додаде дека иранската влада има целосна контрола врз земјата и дека ситуацијата се смирила по „тридневна терористичка операција“.
- Иран утрово ненадејно 4 часа го затвори својот воздушен простор за комерцијални летови. САД претходно прогласија тревога во базата Ал Удеид во Катар, која Иран ја нападна во јуни како одмазда за тогашното бомбардирање од САД и од Израел.