- Претседателот Володимир Зеленски го опиша американскиот мировен план како „најтежок момент“ во историјата на неговата земја: Украина ќе мора да отстапи една петтина од својата територија за да завршат војната, уништувањата и човечките жртви.
- Во десетминутно обраќање до јавноста, тој истакна дека е соочен со „невозможен избор“ – да го прифати планот на САД или да ги осуди Украинците на „екстремно тешка зима“. Зеленски најави дека ќе соработува „конструктивно“ со Вашингтон, но и дека ќе понуди алтернативен план.
- Администрацијата на Трамп го притиска Зеленски да го потпише планот од 28 точки најдоцна до четврток, со надеж дека и Русија потоа брзо ќе го прифати и дека војната ќе заврши до крајот на оваа година.
- Трамп го предупреди Зеленски дека мора да го запре крвопролевањето, бидејќи зимата брзо се приближува. „Мора да му се допаѓа. Ако не, тие ќе продолжат да војуваат. Во некој момент ќе мора да прифатат нешто што сега им е неприфатливо“, изјави Трамп.
- Рускиот претседател Путин изјави дека американскиот план е „добра основа“ за крај на конфликтот. Тој предупреди дека ако Киев го отфрли планот, руските сили ќе продолжат да напредуваат на фронтот.
- Спротивно на очекувањата, првата средба на големите политички противници Трамп и Мамдани во Белата куќа помина во срдечна атмосфера. Тие најавија соработка за да го подобрат животот во Њујорк.
- Трамп до неодамна го нарекуваше Мамдани „тотален комунистички лудак“ и се закануваше дека ќе му ги блокира федералните финансии за Њујорк. Сега изјави дека е импресиониран од неговите ставови и му вети соработка и поддршка: „Ќе му помогнеме за да го оствари сонот да имаме силен и многу безбеден Њујорк“.
- Мамдани изрази задоволство поради тоа што со претседателот ги одминале несогласувањата „кои ги има многу“ и се фокусирале на заедничката цел, да обезбедат прифатливо домување и пониски трошоци за комуналните услуги и храната во Њујорк.
- „Се согласивме за многу повеќе работи отколку што мислев. Мислам дека всушност ќе изненади и некои конзервативци... Јас апсолутно би живеел во Њујорк под водство на Мамдани“, заклучи Трамп.