- За Делегацијата на Европската Унија во земјава, означувањето на законите поврзани со коридорите 8 и 10д со европско знаменце не е во согласност со стандардите на Унијата.
- Велат дека ќе побараат дополнителни појаснувања од власта откако вицепремиерот Артан Груби на прес-конференција кажа дека се донесени пет нови закони за коридорите кои ќе бидат доставени до Собранието со европско знаменце.
- Критики упатија опозиционите партии и синдикатите, кои во измените со кои се дефинира прекувремената работа при ангажман во проектот гледаат воведување 72-часовна работна недела и експлоатација на работниците.
- Израелските одбранбени сили нема да се повлечат од окупираните територии во јужен Либан и Сирија, дури и ако тоа го побараат САД, изјави министерот за одбрана Израел Кац.
- „Израелските сили мора да бидат на непријателската страна од границата. Додека Хезболах не биде разоружан, ние нема да ја напуштиме безбедносната зона“, изјави Кац.
- Во окупираните зони нема да биде дозволено враќање ни на либанските цивили кои немаат никакви врски со Хезболах. Многумина и немаат каде да се вратат, бидејќи израелските сили им ги уништиле куќите и имотите.
- „200.000 жители нема да се вратат. Ако нема цивили, нема ни терористи. Во минатото, кога имаше цивилно присуство во безбедносните зони, имаше експлозиви и напади врз војници. Затоа не го дозволуваме тоа. Војниците внатре, цивилите надвор“, изјави Кац.
- Ставрос Цимас, познат грчки новинар што со децении ги следи односите на својата земја со соседите, во книгата „Скриени аспекти на македонското прашање“ открива низа малку познати детали поврзани со Преспанскиот договор и односите меѓу Скопје и Атина по неговото потпишување.
- Меѓу нив е и една необична епизода од летото 2019 година, кога тогашниот македонски премиер Зоран Заев, кој летувал на Халкидики, се сретнал со претставници на новата грчка власт на вечера во Фурка. Според Цимас, покрај политичките разговори, вечерта ја обележале добро вино, морски плодови и песни од познатиот грчки пејач Антонис Ремос, кои, како што наведува авторот, ги изведувала сопругата на Заев.
- Според Цимас, следното утро Заев бил значително поопуштен.
- Меѓу другото, Заев во шега предложил седница на Владата да се одржи на Касандра, каде што летувале дел од неговите министри, а доколку било потребно да заседава и парламентот, тоа да се случи во Солун за да можат да присуствуваат и пратениците што летувале во Переја.