- Партијата на аргентинскиот претседател Хавиер Милеи победи на парцијалните избори во неделата, што се толкува како доверба од јавноста за неговите радикални економски реформи што ги спроведува пред две години.
- Партијата La Libertad Avanza освои 41% од гласовите. Нејзините кандидати победија во 13 од вкупно 24 трки за сенатори и 64 од 127 пратенички места. Партијата досега имаше 7 сенатори и 37 пратеници. Со зајакната поддршка од двата дома на Парламентот, Милеи има поголема слобода да ги спроведува реформите за намалување на државните трошоци и за дерегулирање на економијата.
- За стабилизирање на економијата на Милеи му помогна и кредитот од 40 милијарди долари што го доби од САД. Претседателот Доналд Трамп е еден од ретките што верува во политичкиот проект на екстравагантниот аргентински претседател.
- „Сега мораме да ги спроведеме реформите што ѝ се неопходни на земјата за развој и еднаш засекогаш да ја направиме Аргентина повторно велика“, порача Милеи.
- Откако тој дојде на власт, инфлацијата се намали од 200% на 30%. Во септември Аргентина го забележа првиот фискален суфицит по 14 години. Економската активност во август забележа раст од 0,3%. Реформите платија и голем „данок“ - укинати се 250.000 работни места.
- Британија и Франција постепено ќе го укинат договорот за размена на мигранти според принципот „еден внатре – еден надвор“, бидејќи биле депортирани премалку лица.
- Од склучувањето на договорот во август 2025 година па заклучно со 1 октомври годинава, во Франција биле вратени повеќе од 1.500 нелегални мигранти, а во спротивна насока биле префрлени нешто помалку од 1.500 легитимни баратели на азил во Британија.
- Проценетите трошоци за шемата изнесуваат 56.000 фунти по вратен мигрант, што достигнува вкупна сума од околу 84 милиони фунти.
- За споредба, во истиот период повеќе од 40.000 нелегални мигранти пристигнале во Обединетото Кралство со мали чамци.
- Лондон бил подготвен да го продолжи договорот, но Париз одбил, со образложение дека сака шема за враќање на ниво на целата Европска Унија.
- Изминатиот септември беше првиот по 32 години во кој немало ниту еден ураган во Атлантикот. Ова се случило само три пати досега – во 1994, во 1972 и во 1962 година.
- Просекот е 7 урагани во сезона, од кои 2 до 3 се во септември.
- Аномалијата се смета за последица на пацифичкиот климатски феномен Ел Нињо, за кој се предвидува дека годинава ќе биде најсилен досега.
- Оваа година може да биде првата без ниту еден ураган во Атлантикот откако во 1950 година почна да се води прецизна евиденција. Во просек во октомври се формира по еден ураган годишно, а повремено може да има и во ноември.
- Најмалку, само по два, имало во 1982 и 2013 година.