- Адвокатот Тони Менкиноски соопшти дека бугарските власти му изрекле забрана за влез во Бугарија во траење од 10 години, наведувајќи дека претставува закана за националната безбедност.
- Одлуката му била врачена на 6 март 2026 година на граничниот премин Златарево, кога се обидел да влезе во земјата.
- Менкиноски посочува дека мерката е донесена без конкретно образложение и смета дека е поврзана со неговата работа како адвокат кој ги застапува Македонците во Бугарија пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
- „Прогласувањето на адвокат за закана за националната безбедност затоа што ги брани човековите права претставува опасен преседан за Европа“, изјави Менкиноски и најави дека ќе ја оспори одлуката и дека за случајот ќе ги информира македонските институции, како и европски и меѓународни организации за човекови права.
- Меѓународниот кривичен суд ја затвори долгогодишната истрага за злосторства извршени од американските сили во Авганистан по 2003 година.
- Првичната истрага беше одобрена пред шест години, но долго време беше замрзната. Судскиот совет сега заклучи дека Обвинителството повеќе не е способно ефективно да спроведува истраги и да обезбедува докази, што дополнително се усложнува поради времето што изминало од извршувањето на наводните злосторства.
- Ќе продолжи посебен случај „Ситуацијата во Авганистан II“, кој се фокусира на наводни злосторства на талибанците по август 2021 година, вклучително и прогон на жени и девојчиња. Меѓународниот кривичен суд веќе објави налози за апсење на високи талибански лидери.
- САД не се членка на МКС и ја отфрлаат неговата надлежност врз американските државјани. Вашингтон воведе санкции против судии и обвинители откако Судот објави меѓународна потерница по израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху поврзана со злосторства во Газа.
- Американскиот државен секретар Марко Рубио минатата недела го обвини Судот дека „го користи меѓународното право како инструмент на глобалните елити“.