За љубители на луто

Тост со пилешко и сланина

Место стандардниот тост со шунка и кашкавал, еве еден рецепт за гурмански тост со лут буковец. Не го препорачуваме за оние кои се на диета.

Време на подготовка:
20 мин.

Време на готвење:
6 мин.

Вкупно време:
26 мин.

Порции

2 лица

Состојки

  • 300 гр. варено пилешко месо
  • 4 парчиња пржена сланина
  • 50 гр. рендан кашкавал по ваш избор
  • 1/2 домат, исечен на 4 парчиња
  • 2 лажички маслиново масло
  • сол
  • 4 парчиња леб
  • путер

Прелив

  • 100 гр. мајонез
  • 2 лажички лут буковец
  • сок од 1 лимон
  • оригано
  • мелен лук по вкус

Подготовка

За да го подготвите преливот ставете ги мајонезот, буковецот, сок од еден лимон, оригано и мелен лук (зачин) во блендер и добро измешајте ги. Додадете сол и бибер по вкус.

Загрејте ја рерната на 150 степени. Ставете го на еден плех доматот исечен на кругови. Капнете врз доматот неколку капки маслиново масло и малку сол. Ставете го плехот во рерна и печете неколку минути додека да се запечат парчињата домат. Потоа извадете ги од рерна.

Вклучете го тостерот и оставете го да се загрее.

Намачкајте по малку путер на секое парче леб само од едната страна. Рамномерно распределете го свареното пилешко месо, ситно исецкано, врз две од парчињата леб на страната која што не е намачкана со путер. Додадете ја сецканата пржена сланина, рендан кашкавал и парчињата потпечен домат.

Намачкајте го преливот со мајонез врз другите две парчиња леб. Поклопете ги парчињата леб и печете ги на загреан тостер околу 5 минути.

Тостот послужете го топол.

9 јуни 2012 - 07:00